Пациент во критична состојба пред неколку дена е префрлен од Охридскиот центар за кардиоваскуларни заборувања на Клиниката за кардиологија во Скопје, затоа што во охридската установа речиси еден месец не работи ангиографот, дознава Алсат. Овој апарат се користи за третман на пациенти со акутен инфаркт и за стентирање.
„Веднаш е дијагностицирано проширување односно аневризма на торакална аорта и како таков пациентот имал потреба од ургентен третман кој за жал во овој момент во делот на дијагностиката не сме можеле да го пружиме заради дефект на апаратот. Пациентот е и благовремено дијагностициран и упатен за Клиниката за кардиологија за понатамошен третман“, вели Никола Бакрачески- кардио хирург.
И други пациенти се препраќаат во Скопје во зависност од итноста. Оние со закажани термини за интервенции се известени дека нивната интервенција се одлага.
„Не е сеедно дали пациентите ќе патуваат или ќе бидат третирани во рамките на половина час, еден или два часа од појавата на симптомите или ќе мора да бидат транспортирани до клининиката за кардиологија во Скопје што ќе додаде дополнително време што секако пациентите ќе бидат изложени на ризик“, додава Бакрачески.
Раководството на болницата уверува дека апаратот наскоро ќе биде ставен во функција.
„Веднаш се известени сите здравствени институции.Веднаш е известено Министерството за здравство и Министерот и во заедничка координација започната е ургентна постапка за набавка на нов дел кој е во дефект. Очекуваме до крај на месецот или почеток на декември ангеографот да профункционира. Имаме случаи кои што претходно се згрижуваат тука им се дава терапија и понатаму се транспортираат на клиниката за кардиологија“, вели Елена Ковачевска- директор на болницата.
Во Центарот за кардиваскуларни заболувања во Охрид, кој е втор по големина по скопскиот, се вршат околу 1600 интервенции годишно или пет пациенти дневно. Го покрива Југозападниот дел на Македонија, а доаѓаат пациенти и од Источна Македонија и Албанија. Според информации на Алсат, веќе три месеци не работи ваквиот апарат и во Струмица.