Финансии 19.09.2018 10:18

Имаш пари, ама како да ги немаш: Новите банкноти не „влегуваат“ секаде

Имаш пари, ама како да ги немаш: Новите банкноти не „влегуваат“ секаде

Се употребуваат веќе четири месеци, но со новите банкноти од 10 и 50 денари, граѓаните не можат да платат паркинг на автомат, тие пари не можат да ги вметнат во машините за плаќање на фактури за комунални сметки. Иако има можност уредите да се прилагодат, компаниите тоа не го сториле досега, па граѓаните се наоѓаат во ситуација и покрај тоа што имаат пари, да не можат да ја платат услугата. Од Народната банка велат дека тие уште во мај, кога беа пуштени во оптек новите полмерни банкноти, ги повикале фирмите кои имаат вакви машини да ги прилагодат софтверите. Велат дека тоа може да се стори и сега, по што автоматите ќе ги препознаваат новите пари.

Револтирана скопјанка за Фактор вели дека не успеала да го плати паркингот во еден трговски центар во Скопје, затоа што автоматот не примал банкнота од 50 денари.

„Имав пари, сакав да ја пуштам педесетденарката, ама веднаш забележав дека дури стои и известување дека тие две банкноти, автоматот не ги прифаќа. Претходно навистина имав испланирано паркингот да го платам така и немав други пари. Мислам дека требаше досега тоа да се среди, вели Марија Т.

Сличен случај имала и друга скопјанка која сакала да плати сметка за телефон. Банкнотата веднаш и била заменета за метална во салонот ,но вели дека ако веќе се користат, овие пари треба да може да се употребуваат секаде.

Во Народната банка се категорични дека прилагодувањето е на компаниите и дека во нивен интерес е тоа да го сторат.

„НБРМ, преку сите средства за јавно информирање упати соопштение со кое ги извести сите правни лица коишто ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина во Македонија дека по 15 мај 2018 година започнува периодот во којшто ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари. Соодветни примероци од полимерните пари за потребните софтверски приспособувања, правните лица можат да обезбедат од деловните банки“, велат од Народна банка

Ако не можат да одат во банка, примероците ги има и во Дирекцијата за трезорско работење на НБРМ, каде што на компаниите ќе им бидат обезбедени потребните количини од полимерните пари. Од централната банка додаваат дека и во периодот на надградбата на автоматите за наплата со готовина, односно нивното софтверско приспособување, граѓаните можат непречено да остваруваат плаќања преку овие автомати со кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

Новите полимерни пари од 10 и 50 денари се употребуваат од 15 мај годинава. Со тоа Македонија стана дел од државите чија централна банка започна процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Полимерните банкноти се употребуваат од 1998 година во Австралија, денеска во над 20 држави меѓу кои и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Романија.