Борче Јакимовски повеќе не е директор на ЈП Градски паркинг. Централниот регистар ја објави пријавата за бришење, со што по осумгодинишно директорување и истек на мандатот тој заминува од позицијата. Јакимовски е кадар на Демократски сојуз, а СДСМ по победата на есенските локални избори и превземањето на градската управа одлучи да не го разрешува туку да почека да му истече мандатот.
Тогаш самиот призна дека очекува набрзо да биде сменет.
-До истекот на мојот менаџерски договор има уште време. Со оглед на тоа што се промени градската власт очекувам да бидам сменет. Иако сум на крај на мандат се уште се бараат обврски од мене, посочи Јакимовски, кој на функција дојде од приватниот сектор, односно од авто-дистрибуцијата.
ПАЈАК СЛУЖБАТА ПОВЕЌЕ „ДЕРЕ“ ГОДИНАВА
Според последниот полугодишен извештај од почеток на јануари до крај на јуни, ЈП Градски паркинзи Скопје остварува добивка од 103.699 милиони денари за половина години и чист профит од безмалку 20 милиони денари. Сепак јавното претпријатие во приходите добило субвенција од основачот Град Скопје во висина од 15 милиони денари.
Јакимовски во моментов ја остава „касата“ на претпријатието со вкупно 34,5 милиони денари.
Покрај субвенцијата, во растот на приходи кај билансот е пофалена пајак-службата, која во првата половина од годината „собрала“ 13 милиони денари и тоа е за 3,22 милиони денари повеќе од истиот период лани. „Дигнати“ биле 7.248 возила, додека лани до 1 јули биле кренати 5.372 возила.
„Техничката исправност на пајак-возилата е подобрена и возниот парк е обновен. Подобрена е и соработката со МВР“ се вели во полугодишниот извештај.
За пет милиони денари повеќе е подобрена наплатата на затворените паркинзи со рампа, зонските паркинзи и катните гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“. Вкупниот приход во овој сектор е 74,25 милиони денари.
ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ НОСАТ ДОБИВКА
За прв пат годинава нема приходи од електромобилите, кои во 2014 ги пушти во употреба градоначалникот Коце Трајановски. Нема приходи ниту од изнајмување велосипеди.
Тоа го потврдува реалното сомневање на одредени медиуми дека електромобилите за кусо време се амортизирале и дека нема да бидат поправени, односно практично тие се веќе неупотребливи по само три години користење.
Инаку, од користењето на електромобилите минатогодишната пролет и почеток на ланското лето биле наплатени само 20.600 денари, додека од велосипедите само 8.850 денари.
Целокупната 2017-та од електромобилите се наплатени само 52.300 денари, додека од изнајмувањето на велосипедите само 9.000 денари.
Оваа година има чиста „нула“ од овие средства, најверојатно затоа што нема исправни, а и поради недоходовност.