Обвинението спрема обвинетите за терористички загрозување на уставниот поредок е политички прогон и монтиран случај.
Имаме обвинети кои што се обвинети за тероризам само зошто ја имаат пеено македонската химна, имаме госпоѓа која што е обвинета за тоа со конклудентни дејствија ја управувала толпата. Што правела? Мрдала со главата и поради тоа дејствие е обвинета, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, во вчерашното гостување во емисијата 200 на ТВ Алсат М.
Тој додаде дека власта на СДСМ си игра со човечки судбини, исто како што си игра со државата, додавајќи дека обвинетите од 27-ми април се држат во притвор без основ. Јанушев истакна дека тие се залагаат за доследна примена на правото и неселективна примена, нагласувајќи дека секој што се огрешил пред законот мора да одговора, но најважно е обвинението да биде во корелација со делото потенцирајќи дека не може луѓето да бидат обвинети за терористичко загрозување.
Според него секоја власт во Република Македонија мора да се залага за систем во кој ќе владее правото и ќе има правда еднаква за сите, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за владеење на правото и тоа ќе биде столб на оваа држава.