Актуелно 30.08.2018 17:49

Карпош претворен во огромна депонија, граѓаните гневни, Шилегов и Богоев не реагираат (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Карпош претворен во огромна депонија, граѓаните гневни, Шилегов и Богоев не реагираат (ФОТО ГАЛЕРИЈА)

Карпош тоне во ѓубре и смет, се жалат жителите на оваа скопска општина. Дивите депонии веќе стануваат сериозен проблем за жителите на Карпош, нив ги има на повеќе места низ општината. Дел од тие места се предвидени за рекреација на младите, а од нив во моментов се шири само смрдеа.

Последниот пример го има на Фејсбук страната „Карпош Убав“, каде се објавени фотографии од неисчистено ѓубре низ паркови, училиште и многу други места низ општината.

-Карпош повеќе од 10 месеци тоне во ѓубре и смет, а од надлежните институции и Општина Карпош има само молк. Наместо чиста животна средина, парк и место за рекреација, жителите на Општина Карпош добија депонии и упориште на многу болести и зарази, пишува во објавата на „Карпош Убав“.

Пред една недела реагираа жителите на Визбегово, дека во таа населба има дива депонија од  која се шири ужасна миризба.

Коски, глави, црева и други остатоци од утробите на мртви животни се депонирани покрај патот на улица ,,5“ во Визбегово.

Жителите од овој дел тогаш побараа итна реакција на надлежните служби, пронаоѓање на загадувачите и одложувачите на сметот и нивно казнување.

Жителите на општината, која важи за една од најурбаните скопски општини, се жалат дека ова не е случај само во Визбегово. Уште во април оваа година жителите на Карпош во два наврати се жалеа дека општината е преполна со ѓубре.

Дива депонија имаше и во близина на центарот на Скопје, непосредно до Арената Борис Трајковски.

Во април оваа година карпошани се жалеа дека голема дива депонија е глетката која граѓаните секојдневно ја гледаат покрај кејот на реката Вардар во Општина Карпош. Место кое треба да биде користено за рекреација на граѓаните е претворено во потенцијално упориште на разни зарази и болести. Инаку, токму ова е едно од местата каде треба да биде огромниот парк кој градоначалникот на општината, Стефан Богоев го вети во Карпош.

Тогаш редакцијата на Курир беше на лице место и можеше да се увери каква е состојбата во дивата депонија, која е полна со ѓубре и така веќе седи некое време.

Граѓаните на Карпош прашуваат до каде се ветувањата во овој дел на градоначалниците на Карпош и Скопје, Стефан Богоев и Петре Шилегов.

Пред локалните избори во програмата на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев едно од ветувањата беше токму редовно чистење на депониите во оваа општина. Обврзување за нивно чистење може да се прочита во програмата „План за живот во Карпош“ во делот „Чиста вода и чист воздух- здравје за сите“.

-Се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, да вложуваме во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад и во енергетски ефикасни објекти, гласи една од точките на тогаш кандидатот за градоначалник на СДСМ во Општина Карпош, Стефан Богоев.

Сосема истото ветување како и во програмата на Богоев, во својата програма „Живот во Скопје! За сите“ го има и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

-Се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, да вложуваме во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад и во енергетски ефикасни објекти, е истото ветување и во програмата на тогаш кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека Стефан Богоев повеќе од 10 месеци е градоначалник и исто толку време Карпош тоне во ѓубре и смет. Теодора Андоновска од опозициската партија кажа дека кејот на Вардар е слика за неспособноста и неодговорното работење на Стефан Богоев.

-Во изборната кампања Богоев секојдневно ветуваше чиста животна средина и редовно одржување на комуналната хигиена во Карпош, но откако стана градоначалник се испостави дека тоа уште една од голема лага со која ги изманипулира жителите на Карпош. Богоев уште еднаш го потврди начинот на кој функционира СДСМ, а тоа е едно ветува пред избори, а спротивното го прават кога ќе се дојде на власт. Наместо чиста животна средина, парк и место за рекреација, жителите на Општина Карпош добија голема депонија и упориште на многу болести и зарази, изјави Андоновска.

Таа смета дека очигледно Богоев смета дека сликата за урбана скопска општина како што е Карпош треба да биде општина која е со хигиена на најниско ниво и тоне во ѓубре и смет.

-Недозволиво е во денешно време на само 5-6 километри од центарот на Скопје да имаме диви депонии кои се еколошка бомба и потенцијален извор на зарази. Богоев стана пример за не работа, неспособност и неодговорност. Откако Богоев е градоначалник општината е запуштена и ништо не се работи. Жителите на Карпош во изминативе 10 месеци освен лаги и празни ветувања на Богоев, ништо друго не видоа, изјави Андоновска.

Андоновска кажа дека жителите на Карпош не заслужуваат нечиста општина полна со ѓубре и упоришта на зарази и болести.

-Богоев да се фати за работа и да почне да ги извршува своите обврски како градоначалник, да ги исчисти депониите и да почне да ги реализира ветените работи за почиста животна средина кој што веќе ги вети. Богоев доколку е неспособен и не знае да ги извршува обврските, има некој кој тоа го знае. Граѓаните на Карпош заслужуваат многу подобро!, порача Андоновска.