Покрај даноците, чиј режим е јасно уреден и прецизиран со законски норми и детално разработен со подзаконски акти, деловните субјекти се изложени на обврската за плаќање на цел круг на други „скриени давачки“.
Од истражувањето што неодамна го спроведе Стопанската комора на Македонија, произлегува дека станува збор за сериозен обем на дополнителни, неданочни и парафискални оптоварувања за деловните субјекти. Од една страна, постојано се проширува листата на ваквите обврски, и се додаваат нови давачки. Од друга страна, уште еден аспект кој треба да се има предвид, ако се земе целиот анализиран период од 2008-2013 година е што се бележи тренд на прелевање на цели групи на неданочни и парафискални давачки на сметките на одделни субјекти на јавното право во деловните банки, наместо на трезорската сметка.
Тоа значи дека надоместокот сé уште се наплатува од субјектите, и за нив претставува ефективно оптоварување, но тој не се бележи како приход во буџетот на Република Македонија, поради што податоците – ако се споредува 2016 со 2013 година – дури покажуваат и намалување на ставката „други даноци“ во завршната сметка на Буџетот, започнувајќи од 2014 година. Пример за ова, се издатоците за надоместоци и такси за моторните возила кои до 2013 година се наплатуваа на трезорска сметка, а започнувајќи од 2014 година истите ги наплатува, на сметка на деловните банки, Јавното претпријатие за државни патишта, кое е основано согласно Законот за јавни патишта од 27.12.2012 година – тие давачки сé уште се наплатуваат од компаниите, а не се евидентираат како прилив во буџетот.
Износот на парафискалните давачки наплатени во државниот буџет во 2008 година изнесувал 13.081 милиони денари (приближно 212,4 милиони евра), за во 2013 година тие износи да пораснат до 14.226 милиони денари (231,3 милиони евра), додека податоците за 2016 годинавеќе даваат одраз на овие тенденции на прелевање – наплатените износи по овие основи во буџетот изнесуваат 12.267 милиони денари (199,46 милиони евра), но тие не ги опфаќаат давачките кои до тогаш се наплаќаа на буџетската сметка – а од периодот 2013-2014 година се наплатуваат на сметките на деловните банки. Тоа е видно и од споредбата на позициите во завршните сметки – на пример, по основ на „други даноци“ во 2013 година биле наплатени 2.723 милиони денари (44,2 милиони евра), а во 2016 година само 559 милиони денари (приближно 9 милиони евра). Врз основа на наведеното, проценките се дека износот на платени неданочни и парафискални давачки во 2016 година изнесувал најмалку 15.467,00 милиони денари, или приближно 251,5 милиони евра.
Ова прелевање на наплатата на јавните давачки од буџетот на сметките на органите на управата наведува на заклучок дека приходите од неданочни и парафискални давачки се со тенденција на постојан раст како во апсолутни износи, така и во однос на нивната бројност, иако извештаите превземени од буџетот во одредени делови покажуваат тренд на намалување на приходите.