Намалувањето на градежните активности на автопатиштата во земјава ќе резултира со пад на градежниот сектор во нискоградба до 40 отсто во првиот квартал годинава споредено со истиот период лани, објави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев презентирајки ги економските резултати за првите три месеци годинава. Вели дека освен нискоградбата сите други економски показатели се добри.
„Намалувањето се должи на тоа што се намалени активностите на компаниите Синохидро и Трансмет особено на автопатот Кичево-Охрид но и други автопати во земјава. Но ние одбравме да работиме на тие проекти со исправна документација, да не правиме импровизации, да не плаќаме над 50 отсто разлика во цена и затоа застанавме со активностите. Тоа е во интерес на граѓаните, рече Анѓушев.
Вели дека е свесен оти се мали и капиталните инвестиции чија реализација во првите четири месеци е едвај 11 отсто но дека тоа се должело на фактот што оваа Влада одлучила да работи со како што вели, корисни капитални проекти, а не како претходната која градела споменици и жални врби. Затоа, вели, се позајмувале пари кои ќе треба да ги вратат нашите деца. Инаку според податоците во првиот квартал од годинава во споредба со првиот квартал во 2017 се очекува раст на земјоделството за околу седум отсто, на преработувачката индустрија за шест проценти, на услужните дејности за 10 отсто, како и на градежништвото, во високоградба.
Извозот во евра пораснал за 14,3 проценти повисок дури 31 отсто во долари.
Зголемување, за пет отсто, бележи и додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек. Според вицепремиерот, вкупните приходи во буџетот во првиот квартал од годинава бележат раст од 4,6 отсто, даноците пораснале за 7,2 проценти, а придонесите за шест отсто.