Македонија, и покрај тоа што е кандидат за членство во ЕУ и претендира да ги следи европските образовни трендови и да ги усогласи европските образовни стандарди, сепак е на дното на европските земји според учеството на возрасните во процесите на доживотното учење со околу два и пол отсто.
Македонија, како и останатите земји од ЕУ се соочува со ефектите од глобализацијата, проблемите предизвикани од демографските трендови како што е стареење на населението, енормната промена на пазарот на трудот предизвикана од брзиот технолошки развој, големиот процент на невработеност, миграција на населението… Сето ова ја нагласува потребата од градење општества базирани на знаење, каде доживотното учење ќе биде основен концепт на кој ќе се темели целокупниот воспитно-образовен систем и култура на живеење.
Во извештајот на Европската комисија „Образование и обука 2020“ се наведуваат осум индикатори кои земјите членки треба да ги исполнат до 2020 година меѓу кои и индикаторот за учество на возрасните со најмалку 15 отсто во некоја од формите на доживотно учење. Овој индикатор е еден од показателите дека земјава е на дното од листата на европските земји според учеството на возрасните во доживотното учење со околу два отсто.
На дното се наоѓаат и Бугарија, Романија, Словачка, Хрватска, Полска, Грција, додека земји кои постигнале и надминале 15 отсто се нордиските земји Шведска, Данска, Финска, Франција, Холандија, Луксембург, Естонија, Австрија и Велика Британија.
Професорката по педагошки науки Елена Ризова од Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, во разговор за МИА вели дека сепак во изминатите неколку години во Македонија е направен исчекор нанапред со изготвување „Стратегија за доживотно учење 2017-2020“, што според неа треба да претставува јадро околу кое ќе гравитираат сите останати стратешки образовни документи и која треба час поскоро да се усвои од страна на Министерството за образование и наука.
– Позитивен индикатор е и тоа што Центарот за образование на возрасните брои сè повеќе верификувани програми за образование на возрасните од различни области што им овозможуваат на нискоквалификуваните кадри да стекнат повисока квалификација од одредена сфера која им е од интерес, вели проф. д-р Ризова.
Посочи и дека сè повеќе невладини организации и тела го промовираат доживотното учење преку нудење различни програми од неформален карактер кои имаат за цел да го подобрат животот и да ги унапредат знаењата и вештините на луѓето.
– Во формалното образование, на Филозофскиот факултет во Скопје на Институтот за педагогија во две студиски програми (педагогија и андрагогија) е застапен предметот доживотно учење и тоа на прв, втор и трет циклус на студии. Со тоа им се овозможува на образовните профили да го применуваат овој концепт во практичната работа, изјави Ризова за МИА.
Вели дека во земјава владее мислењето дека доживотното учење е примат само на возрасните луѓе, што претставува погрешна интерпретација на овој концепт. Според Европската комисија и УНЕСКО, доживотното учење се сфаќа „секое учење кое се одвива во текот на животот на човекот со цел подобрување на знаењето, вештините и компетенциите во персонална, граѓанска, социјална и/или трудова смисла“.
– Ваквата дефиниција му дава поинаква, поширока димензија на доживотното учење кое може да се одвива во формален неформален или информален контекст, ставајќи акцент на социјалната инклузија и кохезија, самореализацијата и активното граѓанство и адаптибилност кон променливата околина на работа и учење. Применето во секојдневниот живот, тоа би значело здобивање со одредена повисока квалификација, изучување странски јазик, работа со компјутер, но и стекнување едноставни моторички вештини како возење велосипед, или пак танцување, готвење, итн.
Појаснува дека во концептот на доживотно учење се издвојуваат осум клучни компетенции кои се пресудни за градењето општества базирани на знаење и без кои граѓаните ќе бидат истиснати на општествените маргини.
– Тоа се – компетенција за комуникација на мајчин јазик, компетенција за комуникација на странски јазик, математичка компетенција и основни компетенции за наука и технологија, дигитална компетенција, компетенција за учење како да се учи, интерперсонална, интеркултурна, социјална и граѓанска компетенција, компетенција за претприемништво и компетенција за културна експресија, истакна таа.
Ризова за МИА појасни дека според наодите од истражувањата на терен, во земјава две третини од невработените лица не поседуваат повеќе од половина од овие компетенции, додека една третина од вработените лица не поседуваат две од клучните компетенции. Тоа, според неа, е поразителен податок што укажува на ниската конкурентост на пазарот на трудот.
Според неа, доживотното учење претставува бесконечен континуум кој трае „од лулка до гроб“ а кој треба да резултира со научување на луѓето како да учат, односно да изградат позитивен став кон учењето.
– На него треба да се гледа како на моќно оружје за борба со невработеноста, економската, социјалната и културната исклученост и маргинализираност, но и како верен сојузник на конкурентноста, инклузијата и социјалната правда во сите сегменти на општеството. Но, за жал сметам дека ќе биде потребно многу време и напори за покревање на свеста на луѓето, пред доживотното учење да биде целосно сфатено и прифатено како прашање од витално значење за Македонија, вели Ризова за МИА.
Смета дека за да се подобри состојбата со вклученоста на возрасните во некоја од формите на доживотното учење и постигнување на зацртаните индикатори од ЕУ за 2020 година, потребно е целокупниот образовен систем да се постави на начин да го негува и да биде во функција на овој концепт, бидејќи доживотното учење не е само глобален тренд, туку нужност за современите општества.
Тоа значи инволвирање на сите субјекти вклучени во процесот на учење, поголеми заложби од страна на државните институции за покревање на свеста за значењето на доживотното учење за личниот, но и општествениот развој, како и системска интервенција во наставните програми во основното, средното и високото образование со примена на клучните компетенции за доживотно учење.