Србија официјално се обрати до секретаријатот на Енергетската заедница – регулаторното тело на Европската Унија.
„Сакаме да бидеме сигурни да нема прекршување на европските регулативи, ниту на договорните обврски и договори. Ќе се обидеме и во дијалог со бугарската страна да најдеме решение и да ги надминеме предизвиците кои би имале негативни последици за снабдувањето со природен гас“, изјави министерката за енергетика на Србија Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегална, изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски и додаде дека „како држава ќе ги искористиме сите правни можности за отстранување на овој данок“.
Унгарија бара од ЕУ да преземе мерки против бугарскиот транзитен данок на рускиот гас
Во средината на октомври Бугарија воведе дополнителни даноци за увоз и транспорт на руски гас во износ од 20 бугарски лева (околу 10 евра) за мегават/час како дел од рестриктивните мерки против Русија поради инвазијата на Украина.
Бугарскиот премиер Николај Денков вели дека целта на данокот не е да се зголемат цените на гасот за Србија и Унгарија, туку да се намали профитот на Гаспром – рускиот гигант кој преку Бугарија доставува гас за Србија и Унгарија.
Ковачевски вели дека Македонија има дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса, а тоа е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија, кој е единствен што во моментов Македонија го има, е даден во стопроцентен закуп на Гаспром од страна на Бугарија. „Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот“, рече Ковачевски.
И премиерката на Србија Ана Брнабиќ вели дека очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.
„На ова ќе работиме заедно и со Северна Македонија и со Унгарија. Ние до крајот на годинава треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се занимаваме со ова прашање. Секако тука ја очекуваме и поддршката од ЕУ и разбирањето од колегите во Бугарија“, посочи Брнабиќ.
Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, најавата на Бугарија дека ќе воведе данок за транспорт на руски гас преку нејзина територија ја нарече непријателски чин што ја доведува во прашање европската солидарност и е против европските регулативи кои не дозволуваат воведување даноци и царини меѓу земјите-членки на Европската Унија.
Сијарто оцени дека Бугарија донела одлуки кои ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со гас на Македонија, Србија и Унгарија, што е неприфатливо. Никој нема право да го доведува во прашање снабдувањето со енергија на една земја, а Бугарија воведе данок за транзит на руски гас без претходна најава, со што ја загрозува безбедноста на снабдувањето на Северна Македонија, Србија и Унгарија, рече шефот на унгарската дипломатија.
Бугарија ја донесе оваа одлука без никакви преговори и таа ќе ја загрози безбедноста во снабдувањето со електрична енергија на трите земји, оценуваат експертите.