Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со делегација од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со кандидатот за претседател на Република Македонија поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова денеска остварија повеќе средби со европратениците во Брисел.
Мицкоски на средбата со соговорниците ја истакна лошата состојба во која се наоѓа Република Македонија и граѓаните, поради лошите политики кои ги спроведува владата на СДС, информираат од партијата.
-Разговаравме за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, за политичкиот прогон, за лошата економска ситуација, разговаравме за отсуството на реформи, трговијата со правото и правдината, притисокот кој што го прави владата на СДСМ во Република Македонија, така што практично разговаравме за сите оние негативни случувања кои што сега македонската јавност е сведок пред претседателските избори и побаравме се разбира од нашите соговорници да интервенираат кај македонските властодршци, вели претседателот Мицкоски.
Тој додаде дека е многу значајно Република Македонија да конечно добие датум за започнување на преговори со Европската Унија, односно како што рече тој тоа претставува бенефит за сите граѓани на државата.
-Се разбира исто така ја истакнавме потребата да Македонија добие конечно датум за отпочнување на преговори со Европската Унија бидејќи тоа практично ќе претставува бенефит за сите граѓани во Република Македонија, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека продолжуваат средбите и состаноците со европските претставници, додавајќи дека ќе има состанок и со Манфред Вебер кој е кандидат за претседател од ЕПП за претстојните избори за претседател на Европската Комисија.
-Утре сме повторно тука во Брисел, продолжуваме со состаноците. Меѓу нив би ги издвоил состаноците со господинот Вебер кој што претпоставуваме дека после победата на парламентарните избори од страна на Европската Народна Парија ќе биде иден претседател на Европската Комисија. Потоа тука е претседателот на Европската Народна Партија, господинот Дол со кого ќе имаме утре средба исто така ќе разговараме за актуелните политички случувања во Република Македонија но и во регионот, господинот Мекалистер кој што е претседавач на Комисијата за надворешни работи пи Европскиот Парламент и потпретседател на Европската Народна парија.
На крај Мицкоски нагласи дека ќе оствари средби и со останатите чинители односно претставници на сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска Давкова заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари средба со поголем број европратеници, меѓу кои европратеникот и известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија Едвард Кукан и со европратеничката Маријана Петир, а разговор остварија и со лидерката на владејачката германска партија ЦДУ Крамп Каранбауер која даде целосна поддршка на Силјановска во пресрет на изборите. Делегацијата учествуваше и на политичкото собрание на ЕНП.
-Имавме средби со пратеници, ќе имаме средби со премиери, ќе имаме средба со претседателот на ЕПП, со претседателот на Комитетот за надворешни односи на ЕПП. Интересно инспиративно, мислам дека е ова вистински момент за запознавање, изјави Силјановска Давкова.