Актуелно 20.02.2019 14:36

Министрите вакцинирани од одговорност- Ништо од најавените откази, моралноста која ја најави Заев траеше еден ден

Министрите вакцинирани од одговорност- Ништо од најавените откази, моралноста која ја најави Заев траеше еден ден

Како што не сум имал влијание при нејзиното вработување, јас не би требало да имам влијание и да побарам од мојата сестра да се повлече или да не се повлече, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, чија сестра е вработена во МЕПСО, како што потврдија од компанијата, пренесе „Слободен печат“.

Тој додава дека неговата сестра е полнолетна, мажена е, има свој живот и треба сама да си одлучува за нејзиниот живот.

На прашање од новинарите како е можно неговата сестра да започне да работи во државно претпријатие баш откако тој стана министер, Бектеши одговори со прашање до новинари зошто тие работат во медиумите во кои работат, а зошто не во некои други.

Јавноста откри дека уште еден роднина на министерот Бектеши бил вработен во ЕЛЕМ, станува збор за сопругата на братот на сопругата на министерот, Нертила Усеини Каба.

– Јас немам можност да влијаам при вработувањата во ЕЛЕМ или во МЕПСО, под надлежност на Министерството за економија е само Македонски енергетски ресурси. Другите енергетски компании не се во надлежност на ова министерство. МЕПСО е во надлежност на Министерството за транспорт и врски а ЕЛЕМ во надлежност на Владата – вели Бектеши.

Тој дополни дека ако носителите на јавни функции треба да сносат одговорност или да објаснуваат за секое вработување на четврто, петто или шесто колено тогаш би требале секој ден да се објаснуваат.

– Не чуствувам морална одговорност бидејќи во Министерството за економија не е вработен ниту еден од моите роднини. Ако утврдите дека јас сум влијаел за некое вработување, тогаш би чуствувал морална одговорност – заврши министерот Бектеши.