Единството во Армијата и единството во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани, порача министерот за одбрана Владо Мисјаловски, на свеченоста што се одржува денеска во касарната „Илинден“ во Скопје по повод 5. годишнината од пристапувањето на Република Македонија во НАТО Алијансата.
Мисајловски, осврнувајќи се на неодамнешната трагедија со пожарот во Кочани, посочи дека живееме многу тежок период од нашата независност и оти денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј туку и го одбележуваме заедништвото и меѓусебната поддршка.
-Тоа е најголемата вредност во Алијансата, столбот кој нè држи исправени и во најтешките мигови во еден човечки живот. Во тоа е нашата колективна сила! Им благодарам од срце на секој еден од нив и им порачувам – нивната поддршка јас и македонските граѓани никогаш нема да ја заборавиме. Но, сакам да нагласам дека нема да го заборавиме ниту професионализмот и посветеноста на секој еден припадник на Армијата и на сите останати чинители кои беа максимално посветени да помогнат веднаш на своите сограѓани. Секој еден припадник од Генералштабот и Министерството за одбрана и 146-те припадници кои беа ангажирани во поддршка на институциите и граѓаните, мораа да се изборат со сопствените чувства и тагата и најпрофесионално да одговорат на задачите. И секој следен пат кога ќе го споменеме зборот херој, треба гласно да ни одекнува дека Македонија ги има многу во својата историја, кои го дале својот живот, но и херои кои се секојдневно меѓу нас, подготвени веднаш да помогнат, а дел од нив се и припадниците на македонската Армија, рече Мисајловски.
Министерот истакна дека ни се потребни промени кои значат почитување на законите и ќе ни помогнат да изградиме функционално, праведно и современо општество.
-Нека споменот за нашите херои, за трагично починатите и за сите оние кои дале свој придонес за Македонија нè води кон суштински промени. Системот може да се смени само ако искрено секој од нас даде свој придонес, во почитувањето на секое правило. Тоа е љубовта кон татковината, да ја сакаш државата и да го почитуваш секој сограѓанин. Ни претстојат сериозни предизвици кои ѝ можеме ѝ мораме заеднички да ги надминеме, за доброто на сите нас. Единството во Армијата и единството во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани, нагласи Мисајловски.
Потенцираше дека членството во НАТО претставува и гарант и за стабилноста на македонската економија. Стабилност која значи можност за странски директни инвестиции, но истовремено и уште позначајно, можност за македонските компании да учествуваат на НАТО пазарот кој изнесува над 10 милијарди евра годишно.
Министерот за одбрана Мисајловски оцени дека со членството во НАТО ја зацврстивме својата безбедност, но и даваме свој придонес со свои капацитети во зацврстувањето регионалната и на колективна безбедност. Потенцираше дека од нашите 31 земја сојузник имаме голема поддршка во развојот на вооружените сили. Се развиваме заедно, рече МИсајловски, затоа што НАТО го означува токму тоа – сите заедно, со здружени сили кон силна и безбедна Алијанса.
-Инвестираме во македонската одбрана, ја модернизираме нашата Армија со силно темпо, а заедно со нашите сојузници учествуваме во голем број вежбовни активности дома и во странство со што ја зајакнуваме интероперативност, која е клучна особено при учеството во мировните операции. Имаме многу што да научиме, но и да понудиме. Да си ја чуваме Македонија, да се грижиме за безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко, затоа што само така можеме да одиме напред, за подобар и попросперитетен живот, рече Мисајловски.
На свеченоста присуствуваат претседателката Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот Сашко Лафчиски и командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч, претставници од воено–дипломатскиот кор во земјава и други гости.
Свеченоста ќе продолжи со показни вежби на припадниците на Армијата. (МИА)