Финансии 28.06.2018 15:35

Никола Љушев, нов Главен извршен директор на Македонски Телеком

Никола Љушев, нов Главен извршен директор на Македонски Телеком

Никола Љушев стапува на позицијата Главен извршен директор на Македонски Телеком од 1 јули 2018 година.

Љушев доаѓа во Телеком со долгогодишно искуство на највисоки раководни позиции во Дојче Телеком Групацијата, во Космофон, како и во Телеком Австрија Групацијата. Последнава година ја извршува функцијата Главен извршен директор на Црногорски Телеком (членка на Дојче Телеком Групацијата), период во кој компанијата за прв пат по шест години прави пресврт во работењето и бележи раст, поради што ќе продолжи истовремено да ја извршува и таа функција.

Пред да се приклучи на Црногорски Телеком, Љушев беше во највисокиот менаџмент на Телеком Австрија во Македонија како Главен извршен директор на Вип оператор во периодот од 2007 до 2015 година, а по спојувањето на Вип и Оне, и извршен директор на oне.Вип во периодот 2015-2016. Љушев беше и Главен директор за техника во Космофон од 2003 до 2007.

Својата кариера во телекомуникации ја почна токму во Македонски Телеком во 1997 година.

Љушев е дипломиран електротехнички инженер во областа на електроника и телекомуникации, со надополнето образование за корпоративен менаџмент на престижни меѓународни школи и универзитети, меѓу кои и Харвард бизнис школата, ИНСЕАД, Универзитетот во Чикаго и други. Престижниот магазин Global Telecom Business – Лондон два пати го има избрано, во 2010 и 2011 година, за еден од четириесетте најдобри извршни директори под 40-годишна возраст во телекомуникацискиот сегмент во светски рамки.

Неговото долгогодишно искуство и експертско познавање на индустријата на телекомуникациите, како и досегашните извонредни резултати и достигнувања беа клучни при изборотот за прв човек на Македонски Телеком и воедно гаранција дека компанијата ќе продолжи со остварување на планираните бизнис цели и понатаму ќе ја предводи дигитализацијата на македонското општество.