Актуелно 20.02.2019 20:36

Николоски: Консензуален кандидат за македонскиот народ е професорката Гордана Силјановска Давкова

Николоски: Консензуален кандидат за македонскиот народ е професорката Гордана Силјановска Давкова

Најдобар доказ за тоа како СДСМ стојат со доверба кај народот е фактот дека тие избегаа од предвремени парламентарни избори.

Ова го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето на Алфа телевизија.

-Власт посакува предвремени парламентарни избори затоа што може да добие уште еден мандат во услови кога е најсилна. Оваа власт во Република Македонија бега од предвремени избори затоа што знае дека е слаба. И како ќе поминува времето, ќе стануваат уште послаби. Следниот период нив ќе им се сведе на притисоци и уцени и на крадење. Ќе прават притисоци и уцени кон луѓето, а од дрга страна ќе крадат затоа што знаат дека ова им е последно. Не само што ќе изгубат на избори, туку ќе завршат како Пасок во Грција, ќе станат маргинална политичка партија и затоа вака душмански се однесуваат кон државата која треба да ја водат, рече Николоски.

Тој порача дека СДСМ и ДУИ не може да бираат консензуален кандидат, туку таквиот кандидат кој ќе го изберат ќе биде кандидат за Заев и Ахмети.

-Не може тие да зборуваат за консензус затоа што не претставуваат мнозинство од народот кој живее во Македонија, а камоли да ги претставуваат сите па да зборуваат за консензус. Да имаше предвремени избори ќе беа дебело поразени, како што ќе бидат поразени на претседателските. Има консензуален кандидат за македонскиот народ, а тоа е професорката Гордана Силјановска Давкова, порача Николоски.

Потпретседателот на партијата вели дека ВМРО-ДПМНЕ го избра најквалитетното решение кое Македонија може да го понуди за претседател на државата.

-Имаме една апсолутно стабилна личност, позната и призната во својата професија, еден од најдобрите професори, личност со јасно исцртана морална вертикала, без скандали или опашки во животот и што е за мене многу важно, со јасен став по однос на штета на територијална организација која и се случи на Македонија, во однос на двојазичноста и по однос на промената на името, оцени Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека професорката е личност која апсолутно заслужува да добие шанса и да биде избрана за претседател на Република Македонија.

-Таа во исто време е личност која што држи до себе, не е приврзок на било која власт или политичка партија. Секогаш кога требало да критикува-критикувала, секогаш кога требало да поддржи-поддржала, ги критикува сега СДСМ, во минатото ја критикувала ВМРО-ДПМНЕ. Тоа јас, за разлика од некои други, сметам дека е предност, затоа што човек треба јасно да ги гледа работите и кога се прават грешки, да укажува на истите, порача Николоски.