Економија 14.09.2018 18:54

Нов повик за субвенции на евтини авиолинии

Нов повик за субвенции на евтини авиолинии

Министерството за транспорт и врски денеска објави нов повик за субвенции за евтини авиолинии за домашни и странски авиопревозници кои ќе оперираат од Скопскиот и Охридскиот аеродром.

Објавата следи по поништувањето на повикот во минатиот месец откако беа констатирани административни пречки кај единствената доставена понуда од унгарскиот авиопревозник „Визер“.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со новиот повик се направени мали измени во уредбата и програмата со цел да се привлечат што повеќе компании да аплицираат.

Со новиот повик, уредбата и програмата што ги усвои новата Влада, е предвидено од почетокот на следната до крајот на 2021 година по основ на субвенции за евтини авиолинии да бидат наменети 312,4 милиони денари или пет милиони евра.

Според условите на повикот, авиокомпаните ќе имаат обврска до 10 јануари следната година да воспостават база од најмалку еден авион на скопскиот или охридскиот аеродром. Со поништениот повик се бараше задолжително воспоставување по една база и на скопскиот и на охридскиот аеродром. До 10 јануари треба да започнат со оперирање на најмалку две нови дестинации од аеродромот во Скопје и на најмалку две нови дестинации од охридскиот аеродром, од каде во рок од една година по склучување на договорот ќе треба да воспостават уште две линии.

За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид на избраната авикомпанија ќе ѝ се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра, а се субвенционира и секој патник во заминување во тек на субвенционираниот период.

Компаниите што ќе аплицираат на повикот, меѓу другото, треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

Со субвенции од државата во изминатите шест години од македонските аеродроми оперира „Виз Ер“ и за таа намена има добиено 9,5 милиони евра.