Група вработени во „Фени“ и денеска ќе протестираат пред судот во Велес каде што треба да продолжи одложеното Собрание на доверители на кое треба да се реши судбината на комбинатот. Со гласање доверителите треба да донесат одлука дали сегашниот закупец на фабриката, ГСОЛ, да стане и нејзин сопственик.
Низ стечајна постапка за комбинатот се бараше нов сопственик на фабриката за да се спаси од ликвидација и вработените да не ги изгубат работните места. ГСОЛ како закупец ги откупи долговите на „Фени“, во март го рестартираше производниот процес, ги задржа сите вработени кои велат дека редовно земаат плати, а реализирани биле и околу 30 нови вработувања.
Вработените во фабриката велат дека и денеска, исто како и минатиот месец, ќе дојдат пред судот за преку протест да покажат дека му даваат поддршка на ГСОЛ и бараат да заврши стечајната постапка без ликвидација на комбинатот како што предлага бугарската компанија „Минстој холдинг“ заинтересирана за „Фени“. „Минстој“ бара запирање на стечајот, впаричување на имотот на фабриката кој вработените велат дека за нив значи дека уште еднаш ќе останат без работа и продажба на фабриката по пат на јавна лицитација. Собранието на доверители на кое треба да се одлучува за сопственикот почна на 20 јуни, но беше прекинато поради технички корекции на планот за реорганизација предложен од ГСОЛ.