Живот 16.11.2018 17:44

НВО Зелен институт-Како до почист воздух во градовите

НВО Зелен институт-Како до почист воздух во градовите

Користење на јавен транспорт, приклучување на централното греење на граѓаните, користење на еколошки горива како мерки за намалување на загадениот воздух, беа презентирани на денешната конференција на тема „Како до почист воздух во градовите“, во организација на НВО Зелен институт.

– Предложивме итни мерки кои треба да се преземат во овој период кога загадувањето на воздухот достигнува енормни димензии, така што нашите предлози се дека мора да се делува на сите сфери од каде потекнува загадувањето и во делот на затоплување на домаќинствата, во делот на индустријата, во делот на сообраќајот и градежништвото, вели Маја Морачанин, претседателка на ДОМ.

Во однос на загадувањето кое доаѓа од домаќинствата, посочи дека како предлог мерка за да се приклучат што поголем број граѓани на централното затоплување, да се помогне финансиски со намалување на ДДВ- то од 18 на пет проценти.

– Во зимскиот период предлагаме намалување на цената на билетите на јавниот транспорт за 50 отсто и воведување на зелен 24 часовен билет, кој што еден граѓанин би можел да го користи на различни дестинации. Исто така многу е важно да се зголеми бројот на нови автобуси со еколошки стандарди пет и шест, еколошки почисти, кои не го загадуваат толку воздухот и да се воведат нови автобуски линии, додаде Морачанин.

Претседателката на НВО Зелен Институт, Наташа Амдију истакна дека како граѓани, мора да се научиме да користиме јавен транспорт и додаде дека јавниот транспорт треба да биде поповолен, кога станува збор за цената.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска нагласи дека во овој момент ја завршуваат работата на Правилникот за урбано зеленило.

– Доколку има повеќе зелени површини, би имале можност да го амортизираме загадувањето, прашината и ПМ честичките. Од тие причини настојуваме со правилникот да му дадеме снага на законот за урбано зеленило и во иднина да се спречи таа урбанизација која ги уништува белите дробови на градот, рече Петровска.

Како што посочи проблем претставуваат и неформални, мали загадувачи кои треба да бидат предмет на поинтензивни контроли како што се одредени ресторани или нестандардни горива и нагласи дека извори на загадување има премногу, но ресурсите на државата во овој момент не се толку големи за да можат да одговорат на сите потреби да бидат на терен.