Актуелно 25.01.2019 18:52

Утре во Скопје: Протест за чист ајро пред Собранието и пред Владата

Утре во Скопје: Протест за чист ајро пред Собранието и пред Владата

Пред Собранието на Република Македонија утре во 13 часот ќе се одржи мирен протест во организација на група граѓани кои, како што велат, се загрижени за состојбата на воздухот и на тој начин сакаат да го искажат својот револт.

Кристијан Узунов денеска изјави дека од Собранието потоа ќе се упатат и до Владата.

– Добредојдени се сите загрижени граѓани, еко активисти, експерти, доктори кои ќе можат преку конкретни идеи и предлози да помогнат да изнајдеме најдобро и најбрзо решение, рече Узунов.

Тој апелираше до власта и до опозицијата да не го злоупотребат утрешниот протест за свои цели.

– Апелираме да дојдат сите искрено загрижени граѓани кои ќе дадат се од себе во рамки на законите да изнајдеме решение. Досега имавме можност да видиме колку сегашните институции се подготвени во решавање на оваа аларманта состојба и поради тоа ни е потребна масовносот од сите граѓани. Да успееме да се избориме сами за подобра и почиста животна средина, рече Узунов.

Според него, проблемот со загадувањето одамна требало да биде решен. Властите, институциите и сите надлежни досега, како што рече, се обидуваат да дознаат кои и се главните причинители, а веќе требаше да биде решена состојбата.

Меѓу барањата на граѓаните се свикување итна владина седница, вклучување експерти и граѓански сектор во контролите кон големите загадувачи. Очекуваат од граѓаните да ги поддржат и заедно да ги надополнат барањата за изнаоѓање најдобро решение.