Двете општини на Охридското Езеро да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство, одлучи вчера Владата на седница и им препорача на Охрид и Струга за десет дена да подготват акциски план со рокови до кога ќе ги спроведат препораките на УНЕСКО.
Утрово се огласи Општина Охрид со соопштение во кое се наведува дека по налог на градоначалникот Константин Георгиески во рок од 10 дена ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките од УНЕСКО и дека веднаш по изготвувањето тој ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид.
Иако невладини организации инсистираа Охридскиот Регион да биде впишан во листата на светско наследство во опасност, сметајќи дека на тој начин и самата светска организација на ОН за образование и култура ќе вклучи директно свои експерти во изработка на корективни мерки за да се дојде до посакуваната состојба, нејзиниот Комитет за светско наследство на 43-тата сесија која се одржа на почетокот на месецов во Баку одлучи да не го стави меѓу загрозените подрачја. Но ѝ даде рок на Република Северна Македонија до 1 февруари 2020 да достави извештај за напредокот во остварувањето на препораките на УНЕСКО, врз основа на кои се очекува УНЕСКО повторно да го разгледува случајот со Охридскиот Регион на следната седница на Комитетот, во јуни 2020 година.
На вчерашната седница Владата одлучи два дена откако ќе бидат усвоени акциските планови од советите на двете општини, да ги информираат министерствата за транспорт и врски, за култура и за животна средина и просторно планирање, а овие три министерства се задолжени да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за напредокот.