Идентификувана е и третата жртва во автобуската несреќа што вчера се случи кај Лесковац. Тоа е 63-годишната В.К од Кавадарци. Претходно беше утврден идентитетот на останатите две жртви, 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш.
Во Србија се уште се води истрага за сообраќајната несреќа, а возачот на автобусот со струшки регистарски таблички, е во притвор, јави дописникот на МИА од Белград.
Во несреќата се повредени 32 лица. Шестмина сериозно повредени лица по вчерашната трагична сообраќајна несреќа кај Лесковац се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, а осум полесно повредени се на лекување во болницата во Лесковац.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска во Охрид изјави дека полесно повредените патници кои се хоспитализирани во Лесковац, се подготвени да бидат пренесени на лекување во Македонија, а нивниот транспорт се договара со српските власти.
Патниците кои се во Ниш, истакна Филипче, се во потешка здравствена состојба и ќе треба подолг временски перод на заздравување и опсервација, двајца се се уште на респираторна машина, но во стабилна состојба.
Доцна синоќа министерот за здравство Венко Филипче со генералниот секретар на Владата Драги Рашковски ги посетија повредените патници во болниците во Лесковац и во Ниш.
Како што јави дописникот на МИА, кај двајца пациенти со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб здравствената состојба се следи и можни се нови хируршки интервенции. Сите останати се во стабилна состојба и потребно е повеќедневно следење на состојбата, по што со помош на македонските здравствени служби, сите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.
Останатите дванастемина лесно повредени патници и двете деца кои беа сместени во хотелот „Апостоловиќ“ во Лесковац, синоќа организирано беа префлени во Македонија.
Патниците кои патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот „Еуро бус“ од струшко Велешта, беа претежно македонски печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.
Според сведоштвото на преживеаните, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприлогадената брзина на возачот на автобус од речиси 100 км. на час и можноста возачот да заспал.
Возачот на автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќепати. Благодарение на навремената интервенција од само половина час од несреќата на осум итни медицински возила од Ниш и Лесковац, на пожарникарите и случајни патници, кои испод автобусот ги извлекувале повредените, спречено е да дојде до поголема трагедија.
Голема и несебична помош беше дадена и од градоначалниците на Лесковац и Ниш, од медицинските установи од овие градови во спасување и збринување на повредените.