Финансии 06.08.2018 09:16

Платата едвај стигнува за живеачка, Македонија со најниски плати во регионот

Платата едвај стигнува за живеачка, Македонија со најниски плати во регионот

Со неполни 400 евра просечна плата во земјава, Македонците едвај го поминуваат месецот. Оваа плата е убедливо најниска во регионот и покрај тоа што умерено растеше во последниве неколку години. Македонија според примањата е на дното на Балканот, дури и зад Албанија и Србија од кои имавме повисоки примања во минатото. Синдикатите пресметаа дека на едно 4-члено семејство му требаат најмалку 100 евра повеќе или барем 32 илјади денари за да може да ги задоволи само најнеопходните потреби. Граѓаните велат дека едвај врзуваат крај со крај, парите ни оддалеку не им се доволни за пристоен живот.

Додека македонската влада насекаде потенцира дека платата надминала 24 илјади денари, српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна се пофали дека Србија драстично ја претркала Македонија според висината на платите. Рече дека тоа било резултат на фискалната консолидација во земјата.

-Денешната просечна плата изнесува околу 424 евра. Ако ја споредите со 2002 година, кога просечната плата во Хрватска изнесуваше околу 700 евра, а во Србија само 146, драстично ја намаливме разликата. Наскоро просечната плата во Србија ќе изнесува околу 465 евра. Ние ја намалуваме разликата на другите земји во регионот не само во пропорција, туку и во апсолутни бројки. Ги надминавме Бугарија, Босна и Херцеговина, а зад нас се Албанија и Македонија. Ќе видиме дека ќе ги надминеме и другите, следуваат Романија и Унгарија – рече Вучиќ.

Сите држави се пред Македонија. Хрватите заработуваат во просек 867 евра, Црногорците 511 евра, во Босна и Херцеговина просечната плата во мај изнесувала 449 евра, а во Србија 426 евра. Словенија е убедливо на првото место со просечна плата од 1.077 евра.

Споредено со минатата година, платата најмногу пораснала во Хрватска – за 71 евро, следат Србија со пораст од скоро 30 евра, Словенија од 21 евро, Македонија од 17,38 евра и Босна и Херцеговина од 12,46 евра. Само во Црна Гора платите останале на исто ниво.

Во Македонија просекот е 24.509 денари месечно, но анализите на организациите за економски истражувања покажуваат дека 18% од работниците во земјава и покрај тоа што имаат договор за вработување, примиле плата во кеш. Реално, просекот го билдаат оние со највисоки примања, односно оние 1.4% од работниците што земаат над 40 илјади денари, но 80% од Македонците земаат плата под 20 илјади денари, а дури половина од работниците се на минималец. Дополнително, секој 4-ти вработен работи прекувремено, најчесто без надокнада, а само 17% од работниците можат да ги задоволат месечните потреби.

 

 

Извор: Алфа