Брат за брат –сирење за пари е стара народна поговорка која го опишува пријателството на нашиот и косовскиот премиер, само што и во овој случај како и во однос на другите добрососедски политики на нашата влада нема реципроцитет, односно, само нашето сирење е царинето.
Косово пред десетина дена воведе царини од 30% за увоз на производи од Македонија од кои најпогодени се земјоделските. Засега на повидок нема решение за состојбите, а стопанствениците ги бројат штетите кои се изразени во милиони евра.
Стопанската комора на Северозападна Македонија пред некој ден излезе со проценка дека штетите изнесуваат 3 милиони евра, а со оглед на тоа дека поминаа уште неколку дена штетите веќе стасаа околу 5 милиони евра. Среде сезона за извоз, македонскиот зеленчук и овошје скапуваат по магацините и засега никој не најавува како ќе се обесштетат земјоделците.
-Мора да имаме трпение, она што очекуваме во најкус можен рок, јас тоа го очекувам и денес, а тоа е оваа одлука биде преиспитана од страна на владата на Косово, во моментов е закажана седница на владата на Косово. Постојано сме во комуникација со сите надлежни министри и во една огромна енергија којашто беше вложена, а во интерес и на двете страни, и во сето она што го вложивме овие неколку дена, сметам дека оваа одлука мора да биде повлечена и сметам дека сите разговори одат во тој правец, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски пред три дена, а мерката косовската влада ја воведе на 18 јули.
Но доколку министерот и владата имаат трпение и не го решаваат проблемот, земјоделците бројат милионски загуби.
Иако самиот премиер Зоран Заев изјавуваше дека е семеен пријател со косовскиот премиер Рамуш Харадинај засега нема информации дали разговара со него за настанатата ситуација и дали е побарано повлекување на енормните царини кои удираат по македонската економија. Познавачите велат дека можеме да разбереме тоа што Харадинај ја штити својата економија, па дури и со нерационална одлука за вака високи царини, но не можеме да разбереме зошто Заев молчи и на тој начин ја помага косовската економија и косовските бизниси наместо своите, за што впрочем е платен со пари на даночните обврзници.
Овие царини воведени од Косово се целосно спротивни на одредбите на ЦЕФТА и оттука наместо трпение се очекува одлучна реакција на нашата влада со воведување реципроцитетни мерки или поднесување на тужба за претрпената штета.
Пред се земјоделците очекуваат надомест на претрпената штета затоа што задоцнетите мерки може да помогнат за намалување на натамошните загуби, но никако нема да ги вратат земјоделските производи кои скапуваат по нивите.
Курир.мк