Американските загуби во меѓународната трговија во 2017 година се 817 милијарди долари, пишува денес американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.
Трамп ги усогласи овие статистички податоци како аргумент со кој ќе одговори на политичките противници, кои го критикуваат за царините врз стоки од ЕУ и Кина, кои ги доведуваат САД на работ на трговска војна со нивните главни партньoри.
„Секој пат кога ќе чујам слаб политичар кој сака да ги прекинеме трговските преговори или да ги откажеме царините, со кои се спротиставуваме на неправедни давачки спрема САД, се прашувам што ли си мислат овие луѓе?“, напиша Трамп во Twitter. „Зарем ќе продолжиме на ист начин и ќе дозволиме нашите фармери да бидат ограбени? Загубивме 817 милијарди долари од трговијата со другите земји во 2017 година. Никаква слабост!“, додаде тој.
Денес, Трамп ќе се состане во Вашингтон со претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан-Клод Јункер.
Како што најави Европската комисија, Јункер и Трамп ќе се фокусираат на активирање на трансатлантската трговија и воспоставување поблиска економска соработка. Во пресрет на состанокот, Јункер рече дека не е оптимист во врска со исходот од разговорите, потсетува ТАСС.
САД воведоа увозни давачки за челик и алуминиум на 1 јуни, за 25 односно 10 отсто за земјите од ЕУ, Канада и Мексико. Овие земји реагираа со контрамерки. ЕУ поднесе тужба во СТО, а од 22 јуни воведе царински давачки од 25 отсто за металуршки, машински и земјоделски производи од САД за 2,8 милијарди евра годишно.
Трамп се закани дека ќе наметне 20 отсто давачки за автомобили увезени од ЕУ ако Унијата не ги отстрани трговските бариери од американските компании.
Американскиот претседател дури ги повика европските производители на автомобили да ги градат своите фабрики во САД.
Увозните давачки за автомобили и нивните делови од ЕУ, со кои се заканува Трамп, може да влијаат врз производството од 300 милијарди долари, објави „Блумберг“.