„Во врска со последните збиднувања околу предложениот буџет и покачувањето на платите на здравствените работници и соработници сакаме јавно да го споделиме нашето мислење и став без намера да добие било каква политичка конотација.
Го фрливте јаболкото на раздор. Со предложеното покачување на јануарската плата за здравствените работници и соработници влеговте во тимот, и дали од незнаење или со намера пробавте да го раслоите тимот, да го поделите.
Она што сме сигурни е дека нема да успеете во Вашата проба или намера. Но, го внесовте сомнежот. Дали докторот специјалист ќе се одвои од тимот, поставуваат прашање по социјалните мрежи дел од здравствените работници и соработници. Се вперуваат намуртени погледи од оние со 5% кон оние со 10% предложено покачување на коефициентот на сложеност за јануарската плата.
Синдикатот на клинички центар во неколку наврати изрази јавна поддршка на Вашата програма 2017-2020 година за двојно покачување на платите на здравствените работници, и докторите специјалисти во терциерното здравство до минимум 100,000.00 денари до крајот на мандатот со дополнително барање за вклучување и на здравствените соработници во таа програма како дел од тимот.
Истотака, Синдикатот на клинички центар даде јавна поддршка на концептот на единствен Универзитетски клинички центар и ја прифати потребата за реформи во јавната администрација со јасен и недвосмислен став да се сочува вработениот административен персонал во здравството во целост.
Задоволни сме и го цениме покачувањето на дежурствата на докторите во сите ЈЗУ во Република Македонија. Делумно сме задоволни од покачувањето на коефициентот на ноќниот труд, за кое сметаме дека има простор и треба и понатака да преговараме.
Не сме задоволни од динамиката на исполнување на програмата во делот на покачувањето на платите на здравствените работници и соработници. Не сме задоволни од бруто пресметките на основната плата, и додатоците на плата во пресметките за остварување на Вашата програма за платите во јавното здравство. Иако, согласно Законот истата така се пресметува, во пракса се преговара и пресметува основна нето плата.
За цело време сме конструктивни и сакаме да соработуваме. Реални и трпеливи веруваме во Вашите аргументи дека средствата во Буџетот се ограничени.
Но, оваа понуда за нас е едноставно неприфатлива. Овие предложени различни покачувања на коефициентот на сложеност од 10% за докторите специјалисти и 5% за останатите здравствени работници и соработници со јануарската плата длабоко задираат во меѓучовечките односи и ја нарушуваат тимската работа. Убедени сме дека треба да направите дополнителни напори и да изнајдете средства за покачување на коефициентот на сложеност од 10% и на останатите здравствени работници, како и на соработниците со јануарската плата.
Вашите претходници со “проектот по учинок“ пробаа и беа упорни да ги разделат докторите. Политичките последици на нивната упорност со кои подоцна се соочија, покрај нашето укажување и револт, мислам дека Ви се добро познати.
Размислете за нивната погрешна проценка, и не го делете тимот“, велат од самостојниот синдикат на Клинички центар.