Ако победи, упорно ќе работи на промена на Уставот, на почитување на меѓународните стандарди и на воведување меритократија во државната администрација, вели кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, во интервјуто за МКД.мк.
МКД.МК: Велите ќе барате промена на Уставот, најавивте формирање експертска група. Очекувате дека тоа ќе произлезе од нивните заклучоци?
Силјановска Давкова:
-Не експертска група за ревизија. Ние веќе имаме рецензии на светски експерти за Договорот од Преспа. Јавноста е запознаена со нивните ставови. Тие се одважија да кажат дека се работи за повреда на правото на самоопределување, но и на културните и на политичките права. Тие проблеми се детектирани, напишани.
Јас реков дека имаме научни сознанија за кршење на Виенската конвенција за договорното право, тоа ќе го предочуваме секоја средба, на секоја конференција, и се надевам дека ќе се сменат околностите. Проблемот со името на Македонија е црно петно на совеста на Европа, рече еден од тие експерти. Кога еден ден ќе треба вие и јас да ги смениме личните документи и сами да се лажеме дека сме се родиле во Северна Македонија… тоа ќе биде болно. Јас не сум се родила во Северна Македонија. Треба да се води сметка за чувствата што не се случајни, туку се врзани за идентитетот на еден народ – на македонскиот народ. Никогаш никој не се довел во ситуација да признава јазик. Не употребувале луѓето говор на телото. Многу експерти го констатирале ова. Впрочем, тоа лесно се утврдува, порача таа.