Универзитетскиот професор по социологија др. Илија Ацески, кој гостуваше во емисијата „Топ тема“ на Телма, истакна дека сиромаштијата е влезена длабоко во животот на граѓанинот во Македонија.
Платата не е доволна тие да си дозволат одмор, театар или кино, вели Ацески по повод анализа на истражувањето, односно телефонската анкета на Телма и МЦМС врз 1000 испитаници.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека една четвртина од испитаниците немаат никакви месечни примања, од кои најбројни се оние од 18 до 29 години.
Месечни примања до 200 евра имаат најмногу испитаниците на возраст од 50 до 64 години. Кај етничките заедници состојбата е следна: 56.5 % од Роми, 38.4% Албанци и 20.0% Македонци се без никакви месечни примања.
На прашањето дали сте вработени, негативно одговориле дури 57.9% од испитаниците.
Со приходите кои ги имаат дури 52.6% од граѓаните, рекле дека не можат или едвај си го дозволуваат неопходното за живот.
Она што можеби е најзагрижувачки е тоа што дури 51 % од граѓаните се целосно или делумно незадоволни од здравствената заштита. Дури една третина од граѓаните не можат да си дозволат да одат на лекар, а високи 60 % ги набавуваат лековите приватно ако го нема во аптеките.
Анкетата покажала дека високи 46.5% од граѓаните не можат да си дозволат да одат на одмор, 32.7 отсто никогаш не одат во ресторан, а 59.7 % никогаш не одат во театар или кино.
Професорот Ацески вели во овој случај доколку повеќе од половина од луѓето не можат да си дозволат да одат на одмор, дека и оние кои се вработени не можат да си дозволат ваков сегмент во живеењето говори за квалитет на животот, кој е под нивото.
-Некои показатели укажуваат дека сме под нивото на живот и на Косово и Албанија. Популизмот продолжува и понатаму. Влезот во НАТО и ЕУ може да даде некоја надеж, но нема да ги даде сите решенија, вели професорот Ацески.