Актуелно 10.09.2018 15:33

Стоилковски: Заев го брише македонскиот идентитет

Стоилковски: Заев го брише македонскиот идентитет

Заев молчи и нема одговор зошто го брише македонскиот идентитет. Грчкиот министер Никос Коѕиас го потврди тоа што го крие Зоран Заев и власта. Коѕиас прогласува победа во преговорите, со тоа што потврдува дека никој повеќе нема да употребува Република Македонија вклучително и над 140 држави, меѓу кои и САД, за што со години макотрпно траеше борбата за признавање под уставното име, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Идентитетот го чува и јакне државата преку нејзините национални институции – политички, административни, општествени, научни. Со бришењето на придавката и со смена на името на државата за сите употреби внатре во комуникацијата во државата, овој Договор кој предвидува бришење на атрибутот, го брише идентитетот и им ја одзема државноста на Македонците. Тие ја губат својата држава, рече Стоилковски и додаде:

„Освен лажните заложби за европски вредности – нема одговор на клучното прашање за Македонците и за Република Македонија: Зошто Зоран Заев прифати да го менува идентитетот на Македонците? СДСМ и Зоран Заев немаат ниту еден аргумент дека со договорот се брише македонскиот идентитет, се бришат институциите преку кои се идентификува народот и кои го гарантираат идентитетот“.

Дури и Заев, подвлече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, признава дека сите институции ќе мора да го загубат македонскиот предзнак.

-Заев признава дека сите институции ќе мора да го избришат името и наместо придавката Македонска, Македонски, Македонско, ќе мора на крајот да додадат „на Северна Македонија“. Така, Заев признава дека ќе се смени и името на сите државни институции, министерства, државни органи, МАНУ, личните карти, пасошите. Во цела низа на членови во Договорот точно се прецизира бришењето на идентитетот – од тоа како ќе биде новото име, промена на Устав, документи, како треба да гласи второто име, ги дефинира имињата на институциите, прецизира дека ќе биде и за севкупна употреба, како ќе гласи националноста и државјанството, го дефинира бришењето на придавките од имињата на институциите, забраната на придавките во комуникацијата, ги дефинира и прецизира термините кои ќе смеат да бидат употребувани, па предвидува долготраен детален процес на ревидирање на научни дела учебници и помагала, дури и ревизија на комерцијалните имиња и трговски марки! И на сето тоа Грција добива право со овој Договор во случај на како стои „грешка, пропуст или превид“, да побара исправка и извинување, потенцираше Стоилковски и додаде:

„Овој Договор, овој текст не остава ништо на случајност, или нешто што Заев се обиде да го нарече паушалност која остава простор. Заев точно знае што прифатил, и упорно и системски го лаже македонскиот народ. Договорот предвидува комплетно бришење на идентитетот. Ова е Договор за чистење на цела нација, ова е пострашно од геноцид, ова е чист етноцид. И тој етноцид сакаат да го прикажат за некаква победа. Ова е погубен договор за кој тече државна кампања за измама и манипулација на граѓаните за некаков подобар живот и европска Македонија“.

Најнови вести