Актуелно 12.11.2024 11:19

Трипуновски: Ние како Министерство работиме на враќање на довербата на земјоделците кон институциите

Трипуновски: Ние како Министерство работиме на враќање на довербата на земјоделците кон институциите

Земјоделците изминатиов период ја изгубија довербата во институциите. Тие беа оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат. Едноставно немаше некој како министер за земјоделство, како Влада кој ќе креираше стратегија и ќе ги штитеше интересите на земјоделците. За потсетување земјоделците беа оставени во канџите на трговците, каде што тие го собираа кајмакот, а земјоделците работеа за под производни цени, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во гостување во утринската емисија на радио „Лидер“.

-Овие пет месеци јас како министер и Владата во целина работевме и го заштитивме трудот на лозарите. Оваа година имаме рекордна највисока откупна цена. Дали оваа година имаше протест од страна на лозарите? Не, немаше, нагласи министерот.

Тој потсети дека во делот на откупот на пиперката, се седна пред да започне откупот и се договори цена. И поради тоа немаше протест од страна на производителите на пиперка.

-Денес има пореметување во делот на откупот на оризот, поради тоа во саботата имав состанок со откупувачите и оризопроизводителите. И најдовме заеднички јазик како по рентабилна цена која што ќе е прифатлива за земјоделците и согласно анализите направивме производна цена која што е 26,68 денари за килограм оризова арпа. И на таа цена со зголемување од 30% дојдовме до цена од 35 денари за килограм, појасни министерот Трипуновски.

Тој посочи дека тој како медијатор седна со двете засегнати страни, откупувачите и оризопроизводителите и се договори цена која што е прифатлива за сите.

-Се договоривме до крајот на годината да се откупат преку 3.000 тони оризова арпа по рентабилна цена, заклучи министерот.

Министерот додаде така ќе биде и со тутунарите, со сите земјоделци.

-Ние како Министерство превенираме односно ја враќаме довербата на земјоделците кон институциите, нагласи тој.