Ваквото водење на процесот од тесна група на владеачки политичари, наместо јавни дебати за ова национално прашање, резултураше со тајни преговори. Наместо консензус на политичките партии, создаде партиска поларизација. Наместо обединетост на граѓаните, доведе до дополнителна поделеност во општеството. Наместо чувство дека Договорот е дело и нашето општество и граѓанате, се создаде чувство дека се работи за туѓо наметнато решение и за спогодба која ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност кон друга држава.
Ова го истакна Трајко Вељаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната Комисија за уставни прашања во македонското Собрание.
-Ова чувство на наметнато туѓо решение, дополнително се зацврстува кога во споредба ќе се земат изјавите на владините први луѓе од јануари оваа година, кога тврдеа дека можно е да се постигне решение со Грција без да се менува Уставот на Република Македонија. Само по 4 месеци, во мај оваа година истите луѓе уверуваа дека единствен достоинствен компромис со Грција е името Република Илинденска Македонија, и дека тоа е веќе договорено на највисоко ниво, а дека доколку не се прифати тој пакет, Министерот за надворешни работи рече дека како чин на одговорност ќе си поднесе оставка. Ова се показатели дека Договорот не извира од македонските интереси, туку дека е наметнат од другата страна, а Македонија и Собранието се доведени пред свршен чин. Освен овие суштински недостатоци во процесот, кои доведоа до штетен договор и поделено општество, тесниот владин круг на кој тајмингот на потпишувањето на договорот изгледа му беше поважен од квалитетот на договорот, направи и многу крупни незаконски и противуставни грешки, кои самиот процес го прават неуставен, а самиот договор нелегитимен, истакна Вељаноски.
Прво, според член 3 од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори вели “Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката“. Вељаноски заклучува дека овој договор не е потпишан од Претседателот на Република Македонија, што е спротивно на законот.
-Второ, самиот чин на ратификација, наместо како што налага Законот и Деловникот на Собранието, наместо да оди преку матичната комисија за надворешни работи, процесот неделовнички се водеше во комисијата за европски прашања. После оваа неуредна ратификација следуваа суштински и законски забелешки од Претеседателот на државата, но тесниот владин круг кој брзаше да има Договор по секоја цена, не обрна ни најмало внимание на тоа, напротив, следуваа изјави со потценување и деградирање на таа институција. Тоа доведе денес да имаме еден наметнат и набрзина склучен политички договор, кој ниту е потпишан од Претседателот на државата, ниту е објавен со Службен весник на Република Македонија, што самиот Договор го прави нелегален. Трето, владиниот тесен круг кој ги исклучи сите други инстуционални актери од процесот и го погази легалитетот на договорот, реши легитимитетот за истиот да го побара од граѓаните, веројатно како покритие за сите претходни незаконски чекори. И така, Премиерот тука во Собранието даде ветување дека ќе се постапи согласно Уставот и Законот за референдум и ќе се организира задолжителен референдум, како што налага член 120 од Уставот и членовите 23 и 24 од Законот за референдум. Но и тоа ветување не траеше подолго од неколку дена и владеачкото мнозинство, без да ја консултира опозицијата, без да направи јавна расправа со стручната јавност, донесе одлука за консултативен референдум, спротивно на наведените Уставни и законски норми. Четврто, тесниот владин круг, не се ни потруди да има недвосмислено и едноставно референдумско прашање, не се ни потруди референдумското прашање да го усогласи со опозиционите партии или со Претседателот, туку спротивно на членот 15 од Законот за референдум, реши да скрои што посимпатично тросмислено прашање, повторно прекршувајќи го законот и потценувајќи ја интелегенцијата на граѓаните, рече Вељаноски.
Тој потенцира дека малиот владин круг на кој многу му се брза со ова прашање, продолжи со политиката “тие и само тие“.
-Тие сами водеа кампања, тие сами определија буџет за кампањата, тие сами одлучија кампањата да се сведе на еднострана пропаганда, тие одлучија да го закупат целиот медиумски простор, тие сами со себе си водеа дебати, тие правеа и објавуваа оптимистички анкети, тие носеа странски гости по свој избор, и тие имаа мнозинство во Државната изборна комисија. За ваквите незаконски и монополизирани постапки власта беше критикувана, но никој не им пречеше во ништо, истакна Вељаноски.