Компании 15.12.2018 13:57

Verizon ќе заштеди речиси 2,1 милијарди долари поради намалување на персоналот

Verizon ќе заштеди речиси 2,1 милијарди долари поради намалување на персоналот

Американската технолошка компанија „Verizon Communications Inc.“ ќе заштеди меѓу 1,8 и 2,1 милијарди долари во сегашниот квартал, бидејќи речиси половина од отпуштањата, објавени во понеделникот, ќе влезат во сила во декември, соопштува „Ројтерс“.

Од „Verizon“ изјавија дека ќе ослободат околу 10.400 вработени до средината на следната година, како дел од планот за доброволно заминување, кој веќе е започнат.

Телекомот со седиште во Њујорк, кој броеше 152,300 вработени кон крајот на третиот квартал, започнал процес на кратење на персоналот со цел да ги ограничи своите трошоци во позадина на зголемените инвестиции во развојот на „5G“ технологијата.

Очекувањата на аналитичарите се дека просечната добивка на „Verizon“ ќе биде 1,08 долари за акција за овој квартал, покажуваат податоците на „Refinitiv“.

Компанијата ќе ги објави своите резултати на 29-ти јануари 2019-та година.

Во октомври „Verizon“ успеа да ги надмине очекувањата на „Wall Street“ за нето-бројот на нови претплатници кои плаќаат месечна сметка, потпомогнат од промотивните понуди за новите модели на „iPhone“.

Најголемиот мобилен оператор во САД по бројот на претплатници се соочува со конкуренција од компании како „T-Mobile US“ и „Sprint“, кои нудат попусти за повици и посебни планови со податоци.