Косовскиот премиер,Рамуш Харадинај, кој учествува на неформалниот состанок на премиерите од западен Балкан, порача дека Косово има свои граници и истите нема да се менуваат.
-Многу се зборува за границите. Косово има свои граници со Србија, со Албанија, со Црна Гора и со Македонија. Ние ги почитуваме тие граници и немаме потреба за нивно ново дизајнирање, изјави Харадинај на заедничката прес конференција на премиерите кои учествуваа на неформалниот состанок и на еврокомесарот Јоханес Хан.
Хан, пак на новинарско прашање изјави дека секој договор треба да придонесе во стабилноста на регионот.
-Не е соодветно да зборуваме во оваа фаза. Средбата во септември нема да биде и последна. Ние не прифаќаме ниеден нов член кој не ги решил недоразбирањата. За нас е многу значајна стабилноста и секој договор треба да придонесе за стабилноста во регионот, изјави Хан.
Албанскиот премиер Еди Рама кусо одговори дека потполно се согласува со изјавата на еврокомесарот Хан.
Медиумите потсетуваат дека дека претходно предлог за менување на границите,што се гледа како поделба на Косово,ја иницирале Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ,а која ја поддржал и албанскиот премиер Еди Рама.
Дека поддршка за тоа дал Рама,потврди и поранешниот шведски премиер Карл Билд,кој рече дека во еден разговор со Рама тој се согласил со оваа идеја,која за Билд е многу опасна.