Економија 23.04.2018 14:47

Во Иран масовно се купуваат долари

Во Иран масовно се купуваат долари

 

Иранската валута драматично девалвира, луѓето масовно ги претвораат своите заштеди во долари и ги извезуваат надвор од земјата поради политичката нестабилност, јавува Дојче Веле.

Официјално еден долар се разменува за 42. 000 риали. На црниот пазар сепак цената на доларот е речиси 60. 000 риали. “Пред менувачниците има огромни редици. Луѓето се загрижени. Никој не знае што се случува. Но, колку поскап станува доларот, толку по долги стануваат и редовите за чекање”, пишува ДВ.

Во изминатите недели иранската валута девалвира драматично. Најмногу поради шпекулациите околу евентуалното повлекување на САД од нуклеарниот договор со Техеран.

“Во земјата не влегуваат долари, а сите Иранци сакаат да купуваат долари и да извезуваат имот надвор од земјата. Централната банка не е во состојба да ја  задоволи огромната побарувачка на девизи – таа и не сака такво нешто, бидејќи сака да го спречи одливот на државното богатство надвор од земјата. Пазарите во Иран се разнишани, а од тоа заработуваат само оние институции кои се јавуваат на црниот пазар “, тврди економистката Сара Базобанди.

“Она што го доживуваме во моментов, не е криза на економијата, туку  криза на безбедноста. Оние кои пред три месеци протестираа против владата, сега сакаат да предизвикаат нова криза”, изјави во интервју за иранската новинска агенција ИРНА познатиот економист Саед Лејлаз.