Германската полиција втор ден продолжи со претрес во седиштето на “Дојче банк” во Франкфурт и другите канцеларии под обвинение за перење пари поврзани со “Panama Papers”, соопшти портпаролот на обвинителството.
Обвинителите велат дека голем број материјали се под истрага и дека акцијата продолжува.
Претресот опфаќа канцеларии на членовите на Управниот одбор, но дополнителни детали не беа обелоденети.
Портпаролката на “Дојче банк” одби да коментира за оваа полициска акција. Најголемата германска банка вчера објави дека ќе соработува со истражителите.
Акциите на “Дојче банк” ова утро паднаа за 1,4%, после вчерашниот пад од 3,4%. Од почетокот на годината вредноста на акциите е намалена за 48 отсто.
Истрагата се базира на откривањето на “Panama Papers” во 2016 година. Потоа огромна количина на финансиски податоци протекоа од една од најтајните компании во светот – панамската адвокатска канцеларија “Mossak Fonseca”.
Обвинителството сака да утврди дали вработените во “Дојче банк” им помогнале на клиентите да отворат оф-шор сметка за “пренос на пари од криминални активности”.