Актуелно 11.02.2019 19:36

За Манчевски „два-три“ случаи на вработување во администрација не значат непотизам

За Манчевски „два-три“ случаи на вработување во администрација не значат непотизам

Откако во јавноста се кренаа лавина реакции за изборот на баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери, Нури Бајрами за член на Државната комисија за спречување на корупција, се јави и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, со образложение дека два-три случаи на вработување во администрацијата не значат непотизам.

-Од 2006 година за нас беше забранет и во јавен и во приватен сектор било кој со членска книшка на СДСМ да се вработи и вие го знаете тоа. Затоа збориме за заробена држава. Денеска е чудно што било кој што е симпатизер на оваа власт дека се вработува и во јавна институција. Не е во ред да се согласиме дека повторно тоа е проблем, а каде да одат овие луѓе. Имате два примери и 20 други каде што луѓето си наоѓаат работа по други линии, вели Манчевски одговарајќи на новинарско прашање.

Манчевски како и актуелната влада на СДСМ и Зоран Заев во време на опозиција ветуваа дека нема да има партизирање на институциите, туку нејзина професионализација, за да денеска од позиција прави сосема спротивно од она што го говореа во минатото.

Тој се обидува да се одбрани со тезите дека од 2006 година не можело да се вработи ниту еден симпатизер или член на СДСМ, нагласувајќи дека тоа била причината зошто сметале дека Република Македонија е заробена држава.

Според ова логично е да се постави прашањето ако се вработуваат партиски членови и симпатизери на СДСМ тогаш во каква држава живеат сега граѓаните, ако се земе во предвид дека ова не е еден единствен случај на непотизам во јавната и државната администрација.

Претходно јавноста беше сведок на вработување на високи функционери на СДСМ, однсоно синот на Мирослав Грчев, ќерката на Талат Џафери во ЕЛЕМ, синот на Владо Бучковски и сестрата на министерот Бектеши во МЕПСО, а синот на Љубомир Фрчковски е поставен за помошник директор во ПУИК, како и сестрата на министерот за култура Асаф Адеми кој ја вработил во ЕЛЕМ.