Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, даде интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.
Тој во интервјуто јасно дава до знаење дека, според него, не било спорно што законот за двојазичност е објавен без потпис од претседателот.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали останувате на проценката дека Законот за ратификација на Договорот од Преспа мораше да стапи во сила без потписот на Претседателот Иванов? Која е вашата аргументација за оваа постапка?
–Тој дел од формално-правната постапка за стапување на Договорот од Преспа во сила е во надлежност на Собранието на РМ, но ние, како Влада, сметаме дека нема ништо спорно во постапката законите да бидат објавени во „Службен весник на РМ“ без потпис на Претседателот Ѓорге Иванов. Постапката е во целосна согласност со Уставот на РМ, во рамките на предвиденото со законите, и уште повеќе, тоа е постапка на одговорност и нужност со која се отстрануваат оптрукциите кои Иванов сакаше да ѝ ги нанесе на нашата парламентарна демократија. Пред Уставот и законите сите се еднакви, вклучувајќи го и Претседателот на државата. Така вели Член 51, став 2 од Уставот на РМ. Претседателот на државата е должен да го потпише указот за прогласување на законите што ги носи Собранието на Република Македонија, доколку тие по втор пат се донесат со потребното мнозинство во законодавниот дом, односно Собранието. На тоа го повикува Членот 75, став 3 од Уставот на РМ. Должен е, значи мора да постапи задолжително, а не да го крши Уставот и да се поставува над парламентарната демократија врз која е изграден нашиот општествено-политички систем, вели Заев.
Премиерот посочува дека и двата закони, Законот за употребата на јазиците во Република Македонија и Законот за ратификација на Договорот од Преспа, беа усвоени по втор пат со потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија.
-Законот за употреба на јазиците во март минатата година, а Законот за ратификација на Договорот од Преспа на 5 јули, исто така минатата година. Со објавувањето на законите, беше запрена тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот со оглед на фактот дека, според заедничкото читање на Член 75 и на Член 52 од Уставот, Претседателот на државата е должен да потпише указ секогаш кога Собранието по втор пат одобрува донесување закон. Претседателот на државата не е законодавно тело, ниту уставен суд. Тој беше повикан повеќе пати да го почитува Уставот и да постапи согласно законските обврски. Наместо тоа, тој се постави како пречка за работата на законодавниот дом, и се постави како институција која се заканува да ги блокира сите процеси. За жал, Претседателот Иванов не само што не го гледа тоа, или не сака да го прифати, туку со својот настап и речник поттикнува нови делби, поттикнува конфликт во македонското општество. Добро е што завршува неговиот мандат, бидејќи на Македонија ѝ треба претседател кој ќе го поддржи патот на државата кон просперитет, порача Заев во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА