Актуелно 23.01.2019 21:56

Законот за јазици ја раскара власта: Ахмети тврди едно, Заев го нападна ДУИ, Бошњаковски демантира криза, Османи уверува дека Законот е подготвен од нив

Законот за јазици ја раскара власта: Ахмети тврди едно, Заев го нападна ДУИ, Бошњаковски демантира криза, Османи уверува дека Законот е подготвен од нив

Законот за јазици очигледно ја раскара владејачката гарнитура лидерот на ДУИ Ахмети вели дека до Венецијанската комисија за проверка се испратени само делови од Законот за јазици, Бошњаковски демантира дека постои криза во односите меѓу СДСМ и ДУИ, Заев јавно го критикуваше ДУИ, а Османи упорно тврди дека Законот за јазици е подготвен од нив…

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вели дека до Венецијанската комисија за проверка се испратени само делови од Законот за јазици за кои се договорите со коалициониот партнер. Ова го изјави Ахмети по вчерашните тврдења на Заев дека целиот закон е испратен до Венецијанската комисија.

– Испратен е само делот за кој се договоривме. Тоа се две прашања за кои се договоривме, банкнотите и хартиите од вредност, и аблемите на војската и полицијата. Јас не знам зошто сето ова се политизира и станува медиумска тема кога е познато дека законот е договорен со коалиционите партнери и е усвоен со потребното мнозинство. Треба да се знае дека за поништување или укинување на еден закон потребно е бадинтерово мнозинство, рече Ахмети.

Портпаролот на македонската Влада, Миле Бошњаковски, претпладнево на прес-конференција на новинарско прашање демантираше дека постои криза во односите на СДСМ и ДУИ.

Реакцијата на владиниот гласноговорник следува откако СДСМ го испрати Законот за употреба на јазиците на мислење до Венецијанската комисија, а вицепремиерот Бујар Османи претходно свика координативно тело за негова побрза имплементација само со министри од редовите на ДУИ.

– Не постојат некои конфликти или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имавме владина седница на која што работите функционираат редовно и тековно. Како некој толкува одредени изјави тоа е во рамките на слободата на изра на новинарите. Работата на Владата како институција е тековна и немаме никакви проблеми – одговори Бошњаковски.

Синоќа премиерот Зоран Заев упати забелешки до ДУИ и индиректно до Османи за односот кон Законот за употреба на јазиците при гостувањето во студиото на Алсат.

Заев ги критикува ДУИ дека се китат со перја за Законот за јазици

Има криза заради тоа што некои политичари сакаат да се китат и со туѓи перја. Овој закон не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, на Зоран Заев, на Беса, на сите што сме внатре, турска, пензионерска партија….Сите го поддржавме, сите го гласавме и мора да биде во духот на „Едно општество за сите“, изјави премиерот, Зоран Заев, во вчерашното гостување на телевизија Алсат М, а во врска со Законот за употреба на јазиците.

-Не ми требаат мене национализми од ниедна страна, затоа што кога повикав да одработиме како партнерство за државата, една од работите за кои што се согласивме е да градиме едно општество за сите. Како што јас како Македонец внимавам на моите сограѓани Албанци, така и колегите Албанци треба да внимаваат на сограѓаните Македонци – рече Заев

Во врска со тоа дали има несогласување меѓу СДСМ и ДУИ бидејќи вицепремиерот, Бујар Османи, изјави дека според него законот не треба да оди во Веницијанска комисија, Заев рече:

-Мојот пријател и потпретседател на владата заборавил на заклучокот од Влада, зошто немаме предрасуди, ништо не треба да правиме шверцерски. Јас како прв претставник на Владата мислам дека законот е уставен. Уставот го дефинира албанскиот јазик како втор официјален јазик, за меѓународна употреба само македонскиот јазик, прв е македонскиот, употребата е јасно разграничена – изјави премиерот.

Османи: Треба да бидеме искрени Законот за јазици го подготви ДУИ

Во саботата имавме координативен состанок ние кои сме го подготвивме законот. Треба да бидеме искрени Законот за јазици го подготвивме ние во ДУИ, и тоа госпоѓата Дескоска јавно го потврдува. Но заслугите ги имаат и СДСМ и ДУИ, и другите пртии кои го гласаа, заслугите ги има и секој пратеник кој два пати гласаше за законот. Но реков најголеми заслуги ќе имаат тие кои што сега ќе ни помогнат нам во имплементацијата на законот. Не гледам тука некој да зема поголеми или помали заслуги, законот е во интерес на граѓаните, истакна Османи.