Големото предизборно ветување на СДСМ, зелената нафта за земјоделците, остана неисполнето. И покрај најавите дека на 60 илјади земјоделци ќе им се дадат таканаречени зелени картички за набавка на нафта и поврат на дел од потрошените пари, ретко кој земјоделец поседува таква картичка. Од Федерацијата на фармери велат дека Mинистерството за земјоделство ветило дека оваа мерка ќе се реализира до крајот на април, а веќе на крајот на август нема ништо од тоа.
Велат дека мерката била лошо конципирана. Наместо да чекаат поврат на парите, бараат да плаќаат половина од сумата или пак, Владата да се откаже од акцизата на нафтата што се користи во земјоделството.
Оваа сезона стана кошмар за земјоделците. Почнувајќи од проблемите со откупот и цената на доматите, пиперките, бостанот, па се до пченицата, сливите и праските, во 2018-та земјоделците ќе останат со празни џебови.
Земјоделците блокираа патишта, го истураа родот, го продаваа за џабе или го подаруваа на сиромашните. По крајот на жетвата на пченицата, производителите и Министерството за земјоделство се препукуваа околу цената. Земјоделците тврдеа дека килограм се продава за едвај 8 денари, од земјоделство пак, обвинуваа дека не била квалитетна и завршувала како сточна храна. Не само лошата организација на откупот, туку и поради временските неприлики, раноградинарското производство е намалено и до 40% годинава.