Актуелно 23.11.2018 18:38

Комисија ќе оди од врата на врата кај исклучените од парно

Комисија ќе оди од врата на врата кај исклучените од парно

Посебна комисија ќе оди од врата на врата кај домаќинствата кои се исклучени од системот за парно греење во Скопје за да утврди дали тие станови добивале топлинска енергија според предвидениот квалитет или не. Проверка ќе се прави во домовите кои се поврзани на хоризонталниот систем, односно каде цевките од парното не поминуваат низ становите. Претставниците на БЕГ и на граѓанското здружение „Но пасаран“ никако не може да се договорат за овие спорни случаи.

„Реално ако овие потрошувачи не добивале услуга, ние сметаме дека нема причина да плаќаат за потрошена топлинска енергија. Доколку се донесе измена на правилата за снабдување, јас верувам дека и судовите ќе ги прекинат и постапките кои се кај овие граѓани“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Регулаторна смета и дека за овие случаи ќе биде добро да се постават и калориметри за да се има една јасна слика колку топлинска енергија добиваат и дали воопшто добиваат затоплување од системот кој им влегува во станот, но не продолжува кај соседите. За да биде донесена одлука за калориметри ќе треба да се има економска исплатливост, вели Беслимовски.

„…Во следниве 10 дена ќе направиме анализа колку тие калориметри ќе чинат и доколку се на трошок на операторот на дистрибутивниот систем тие ќе треба да се прелеат во цената на крајните потрошувачи“, додава Бислимовски.

Во формирањето на новиот правилник за користење топлинска енергија во улога на медијатор е и МАНУ, која ќе го има последниот збор за сите прашања кои ќе заглават во преговорите помеѓу граѓанските здруженија и БЕГ. Повеќе од 12 илјади скопски домаќинства се откажале од парното греење, но со години плаќаат паушални месечни сметки во зависност од квадратурата на станот.