Актуелно 30.08.2019 15:09

Трипуновски: ВМРО-ДПМНЕ предлага сет мерки за справување со Африканската свинска чума

Трипуновски: ВМРО-ДПМНЕ предлага сет мерки за справување со Африканската свинска чума

Мерките на Зоран Заев и Зоран Атанасов за превенција на Африканската свинска чума во земјата не даваат резултат. Нестручноста и непрофесионалноста го доведуваат под знак прашалник опстанокот на добиточниот свински фонд во Република Македонија, истакнува Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ како сериозна и одговорна опозиција активно ја следи ситуацијата со Африканската свинска чума и неспособноста на властите и АХВ да се справи со проблемот. Свесни за големиот економски и социјален губиток доколку би се појавила болеста, а воедно и сведоци на несериозниот однос на државните институции кои што треба да работат на сузбивање на влез на ваква сериозно болест, искористувајќи ги нашите стручни капацитети, предлагаме сет на мерки кои што ќе значат заштита на ова многу битна сточарска гранка во Република Македонија, истакна тој.

ВМРО-ДПМНЕ ги предлага следниве мерки:

Засилен надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство и Ловниот инспекторат во спроведување на мерката засилен острел на популацијата дива свиња, каде во целост ќе се имплементираат основни биосигурносни мерки и хигиена на лов.

Засилен надзорна свињарските фарми кои АХВ ги проценила како фарми со висок или среден биосигурносен ризик за влез на болести.

Брза и ефективна ургентна мерка – Финансиска поддршка на сите регистрирани одгледувалишта во итна имплементација на високи мерки за биосигурност за одгледувачите на свиња.

Засилени контроли на личниот багаж на граничните премини за контрола на внес на анимални производи со посебно означени места на граничните премини каде ќе се депонира ризичниот отпад.

Задолжителни воспоставени дез-бариери на сите граничните премини на Република Македонија.

ЗЕЛС и локалната самоуправа во соработка со соодветните инспекциски служби итно да спроведат мерки дислоцирање на слободно пуштените свињи на депониите, но и трајно истите да ги  оградат или пак да ги санираат постоечките огради.

Да се одреди институција и лица кои што ќе ги прибираат сите релевантни податоци и ќе го надгледуваат нивото на реализација се со цел квалитетно спроведување на веќе постоечките мерки.

Официјалните ветеринари заедно со ветеринарните друштва веднаш да излезат на терен и во радиус од 3 километри околу големите производни капацитети да формираат т.н. санитарни прстени кои ќе имаат за цел превенција од влез на Африканската свинска чума. Откако ќе ги детектираат критичните точки, а особено нерегистрираните одгледувалишта кои преставуваат особен биосигурносен ризик, веднаш во соработка со локалната самоуправа да ги спроведат и применат сите законски мерки. Регистрираните одгледувалишта во овие зони да ја покачат биосигурноста или пак доколку тоа не е можно да се пристапи кон нивна депопулација врз основа на претходно донесените мерки.

Итно информирање на јавноста во однос на досегашните резултати од спроведените испитувања на мострите од заловените диви свињи, а особено во критичните погранични подрачја кон Република Бугарија и Република Србија. Обемот на испитаните мостри да е во согласност со спроведениот отстрел на дивите свињи особено во критичните подрачја.

Засилена контрола на редовниот увоз на свинско месо и месни продукти, за присуство на Африканска свинска чума, како и пратките на добиточна храна и суровини за потребите на фабриките за добиточна храна и самите фармери.

Зголемување на биосигурносни мерки во кланиците и фабриките за добиточна храна, а особено нивните транспортни средства кои што имаат контакт со свињарските фарми во текот на извршување на своите обврски.

Покачување на јавната свест за опасноста од Африканска свинска чума низ предавања и обуки на сите чинители во под-секторот свињарство.

-Се надеваме дека власта ќе има сериозен пристап кон ова наше укажување, и без собирање на политички поени ќе се зафати за работа веднаш! Затоа што свињарството кој што е една од најпрофитабилните гранки, која што носи сериозен девизен прилив во Република Македонија, а воедно значи и егзистенција на многу семејства кои што егзистираат од оваа гранка.  Доколку СДСМ не може да ги спроведе овие мерки, стоиме на располагање со нашите стручни капацитети да помогнеме за доброто на сточарството во Република Македонија. Свињарството е сточарска гранка, во која што во изминатите години се инвестирало премногу, за да се постигне нивото кое што го имаме денес. Токму затоа и не треба заради нестручност, некомпетентност и незаинтересираност да дозволиме да пропадне. Влегувањето на оваа болест во Република Македонија ќе значи и долгогодишни економски штети, вели тој.