Со секој изминат ден се повеќе се наметнува дилемата дали договорот со Грција и распродажбата на државните и национални интереси е параван за личното богатење на Зоран Заев и криминалниот картел околу него? Додека Зоран Заев лаже за Европска Македонија, во Грција се отвори политички скандал во медиумите дека парите за компанијата на Кочо Анѓушев се пари дадени од грчката влада за прифаќање на погубниот договор за Северна Македонија, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски и додаде:
„Почитувани доминантно државната компанија која издвои 5 милиони евра за Анѓушев, подолго време била во сериозна економска криза, неколку пати пред банкрот, со неисплатени плати за работниците, со нефункционални кредити, без евро за инвестиции за одржување и модернизација. Дури и трагедијата летото со пожарите се поврзуваат со неодржувањето на каблите од електричната мрежа на оваа компанија во Грција. Во ваква состојба, парите за Анѓушев биле префрлени, според медиумите, а тоа е возможно само со владина одлука од Владата на Република Грција на компанијата која што потоа ги префрла парите за Анѓушев. Притоа, во релација со овој договор се пишува и за викендите и одморите на Анѓушев и премиерот Зоран Заев во Грција.“
Стоилковски потенцираше дека Анѓушев и Заев мора да одговорат, дали продажбата била поврзувана со убедувања да се прифати погубниот капитулантски договор?
-Дали Анѓушев и Заев свесно дозволија ваква трансакција во ек на преговорите, во период кога и опозицијата и преговарачот именуван од претседателот на државата беше исклучен од преговорите? Дали Анѓушев направил проверка, анализа, за економската состојба на компанијата, која му понудила 5 милиони евра?, запраша Стоилковски и посочи:
„Почитувани, и при најавата за продавање на компанијата на Анѓушев, ВМРО-ДПМНЕ посочи дека е мошне симптоматично што фирмата на Анѓушев стана интересна за грчкото електростопанство, во време кога се засилија преговорите со Грција, Заев стана убеден дека ќе го реши името, а Анѓушев лицитираше со Северна Македонија. Лукративноста е обележје на картелот на власт, штетите врз националните и државните интереси во секој период на нивно владеење се уште не се заборавени. Историјата на Македонија од независноста до сега изобилува со сведочења, запишани мемоари, па и видео – документирани случаи, за обиди за подароци, подмитувања и злоупотреби на позициите за лукративни цели, на штета на националните и државните интереси. Оттука, сериозни се сомнежите дека 5те милиони евра се дадени за прифаќање на грчкото условување во Договорот!“