Актуелно 22.09.2018 13:25

Стојаноска: Додека се зборува за референдумот и бришењето на името Македонија, власта врши брутален грабеж преку милионски тендери

Стојаноска: Додека се зборува за референдумот и бришењето на името Македонија, власта врши брутален грабеж преку милионски тендери

Владата предводена од СДСМ, и премиерот Зоран Заев за речиси година и половина откако е на власт само лаже. Наместо реализација на ветеното,  се лажат граѓаните и вработените во здравствениот сектор, а се тераат приватни бизнис интереси.

Договорите за набавки во четири очи, тендери, се специјалност на Заев и министерот за здравство Венко Филипче.

Министерството за здравство стана министерство за бизниси и тоа во четири очи!

Медиумите повторно објавуваат скандалозна набавка меѓу ќерката директор и таткото газда на веледрогерија. Главни актери повторно се Клиниката за радиотерапија и онкологија и веледрогеријата Пановски. Повторно е склучен договор во четири очи за набавка на лекови од веледрогеријата Д-р Пановски во вредност од околу три милиони денари. Замислете, постапката повторно е со преговарање без претходно објавување на оглас.

Оправданоста повторно ја правдаат со крајна итност и нормално има само една понуда која што ја дава таткото на актуелната директорка.

Ова е само еден од неколкуте договори во четири очи што се повторуваат.

Во јавноста во август годинава беа обелоденети и други вакви набавки во четири очи, помеѓу Клиниката за хематологија и веледрогеријата Д-р Пановски. Тогаш медиумите пишуваа дека веледрогеријата доби околу 400 илјади евра, во период од јуни 2017 година заклучно со јули 2017 година. Тоа се пари од граѓаните кои преку Клиниката каде директорува ќерката се префрлаат на сметка на таткото кој има веледрогерија.

Јавно го прашуваме министерот Филипче, колку пари вкупно се прелеани на сметка на веледрогеријата Пановски од клиниката каде што неговата ќерка е директор за овие година ипол? Колку пати се повторува истото образложение за итност на постапките? Зошто набавки во четири очи? Зошто се заобиколува процедурата? Не знаат ли надлежните, колку и до кога имаат медицински материјали, лекови, опрема, па мора да се склучуваат вакви итни набавки? Или раководството го интересира само профитот?

Заев и Филипче со ова покажуваат дека ги гледаат само сопствените интереси и интересите на потесниот круг на семејството и пријателите.

Заев вети дека основната плата на здравствените работници во јавното здравство ќе ја покачи за 15 проценти во првите шест месеци откако СДСМ ќе дојде на власт. Лага!

Заев вети бесплатно болничко лекување за граѓаните. Лага! Не само што не е исполнето ова, туку граѓаните мора да трчаат првите денови од месецот во аптеките зошто не можат да ги најдат потребните лекови на рецепта.

Реалноста говори дека ништо не е направено во здравството. Филипче не се грижи за јавното здравство.

Филипче, наместо со заложби, мерки за граѓаните, вработените во здравството, се поврзува само со набавки во четири очи и тендери.

За ваквата политика во здравството, реализирање на лични интереси, а не на ветеното, на и за граѓаните, мора да има одговорност! Време е Филипче и криминалниот картел да си заминат од власт за граѓаните да добијат здравствена нега каква што заслужуваат. Време е Јавното обвинителство да се ослободи од политичките притисоци и да отвори истрага за “итноста” на договорите во четири очи.