Многу претпријатија настојуваат да ги наградат и поттикнат вработените преку парични бонуси.
Истражувањето на потенцијалните мотиватори на работното место што го спроведе Д-р Џералд Греам, професор по менаџмент на универзитетот “Вичита стејт”, покажа дека голем дел на вработените сметаат дека најважна техника на мотивација е личното признание и пофалба од страна на менаџерот. Дури 58% од вработените навеле дека менаџерите ретко лично ги пофалуваат за работата.
Менаџерите како да се преокупирани со ,,поважни’’ и поитни работи, па ги забораваат вистинските мотиватори. Всушност, за менаџерите мотивацијата станува важна дури откако ќе биде загубена и ќе се почувствува дека резултатите изостануваат. Парите можеби се начин на вработениот да му се каже дека добро ја завршил работата, но на долг рок тие не се одржувачки фактор на мотивираноста кај повеќето поединци.
Покрај тоа, паричните награди и не се толку чести. За да ги инспирираат вработените, менаџерите мораат да ги ,,препознаат’’ резултатите и напредокот повеќе од еднаш годишно. Враќањето на загубениот работен елан сигурно е многу потешко отколку повремените поттици. Вработените пред сè сакаат да бидат вреднувани и пофалени за добро завршената работа. Препознавањето и признавањето на нечија вредност, вложен труд и резултат е вистински подарок за поединецот.
Марк Твен има речено: ,,Од добар комплимент можам да живеам два месеца’’.
Истражувањата покажуваат дека пофалбите и признанијата ги мотивираат вработените да дадат се од себе. Луѓето сакаат да почувствуваат дека се корисни и дека придонесуваат за развојот на претпријатието. Тоа не се постигнува со пари, туку со лично признание. Но, важен е и начинот на кој некому се оддава признание за добро завршената работа.
Боб Нелсон, потпретседател на американската консултантска фирма ,,Бленчард тренинг енд девелопмент’’, укажува дека во светот на бизнисот ретко се употребуваат духовити и симпатични идеи кога некому му се оддава признание за добро завршена работа. Со тоа како да се намалува сериозноста и креидбилитетот на бизнисот.
Тој го наведува примерот на работникот на ,,Хјулит-Пакард’’, кој еуфорично упаднал во канцеларијата на директорот, за да му каже дека пронашол решение за проблемот што долго време не можел да биде решен. Менаџерот станал, му ја дал бананата што му останала од неговиот ручек и рекол: “Одлично завршена работа. Честитки!”.
Работникот, се разбира, останал збунет и затекнат. Но, со време Златната банана стана престижна награда што се доделува на инвентивните работници на ХП.
Пофалба пред публика
Давањето на признанија и пофалби е голем фактор за мотивираност на работниците. Некои сакаат да бидат пофалени пред поголема публика, па треба да им се овозможи и тоа задоволство. Притоа, особено е важно да се покажат емоции. Искрените позитивни пофалби можат сите да ги почувствуваат. Личниот развој и напредувањето се уште еден мотивирачки фактор.
Тие ја зголемуваат стручноста и знаењето, што води кон пораст на самопочитта и самореализацијата. Кога луѓето чувствуваат дека одат напред, учат нови концепти, надградувајќи ги врз основните вештини и го користат својот ум, мотивацијата ќе остане висока, вели Нелсон.
Луѓето се мотивирани од индивидуални цели, вредности и желби. Тоа зависи и од работната средина. Работниците понекогаш напуштаат и некоја добро платена работа затоа што нивните заслуги не се препознаваат, затоа што нивниот труд не се цени или не чувствуваат предизвик во извршувањето на одредена работа.