Влезе многу амбициозно во предизборниот период за време на локалните избори. Ветуваше се и сешто. Големи инфраструктурни проекти, зазеленување на главниот град, садење на нови дрвја, нови паркови, зеленило, стопирање на урбаниот хаос, враќање на духот на Скопје, нови булевари, патеки за велосипеди, нови автобуси, гасификација, но Петре Шилегов и за една година од неговиот мандат речиси и да не направи ништо за скопјани.
Но да почнеме со ред. Носечка порака во изборната кампања му беше воздухот, гасификацијата, зазеленувањето и квалитетот на воздухот. Но со тек на време се виде дека тоа што го ветуваше нема допирна точка со реалноста. Во негово време загадувањето рушеше рекорди. Дополнително почна да го „касапи“ Водно, а и гасификацијата што толку ја ветуваше исто така во догледно време тешко дека ќе ја види светлината на денот.
Според најавите и оваа зима скопјани ги очекува енормно загадување. Во предизборниот период за Шилегов главни виновници за загадувањето беа ВМРО-ДПМНЕ, а останува да видиме оваа година кој ќе биде кривецот.
Моментално во Скопје има новина промовирана токму од Шилегов. Скопјани почнаа да се возат во автобуси од 70-тите години на минатиот век. Изговорот е дека новите се расипувале што е многу чудно и тука се поставува прашањето како во времето на Трајановски не се расипуваа толку често. Ама очигледно тоа одговор треба да даде некој друг. А дотогаш ќе ги чекаме најавените од пред една година автобуси на гас.
Дополнителен проблем се кучињата скитници за кој тој ветуваше дека ќе го реши проблемот, но наместо тоа секојдневно имаме по неколку напади врз минувачи од нивна страна и потенцијални тужби кон град Скопје поради негрижа.
Комарците беа дефинитивно врв на негрижата за граѓаните на Скопје. Речиси никаде во светот не се прска против комарци откако ќе заврши летото но сепак во Македонија и тоа е можно. Не само што не испрска туку имаше и наезда на комарци од невидени размери што дополнително имаше ризик по здравјето на граѓаните и можност за епидемија.
Комуналната хигиена е приказна сама по себе. Контејнерите слабо се празнат, од јавните претпријатија задолжени за хигиената не си ја вршат работата, а секое чистење го прават со најава и со помпезни прес-конференции иако тоа им е редовна обврска на претпријатијата.
Шилегов не направи ниту еден булевар, ниту една улица. Единствен што го започна од неодамна е булеварот “Босна и Херцеговина“, проект на неговиот претходник Коце Трајановски. Фактички се што направи Шилегов во последниот период беа наследените проекти на Трајановски. Реновирањето на Партизанска и довршувањето на булеварот Х.Т. Карпош во Бутел се дел од таа оставина.
Тој најави исто како и Трајановски мост што ќе го поврзува Аеродром со Гази Баба. Вети дека ќе изгради и уште еден мост со тунели кој ќе поминува под Кале проект кој сигурно ќе чини над 30 милиони евра но освен најава и од тоа нема ништо.
Но сепак Шилегов работи нешто. На пример тој отвори нова автобуска станица со Ди-Џеј, со голема забава, посади трева откако претходната му изгоре, па садеше цвеќиња, па обележуваше паркинг места и толку.
Но Шилегов не е сам. Во неговото неработење го следат и градоначалниците од другите општини. Освен пресови и најави за нешто што треба да биде во иднина граѓаните ништо не видоа. Ниту некој од нив го спречија урбаниот хаос, ниту на некој начин им го подобрија животот на жителите на Скопје.