Актуелно 19.10.2018 12:18

Народна банка: Неопходни се механизми за превенција на нефункционални кредити

Народна банка: Неопходни се механизми за превенција на нефункционални кредити

И по десет години од почетокот на глобалната криза, проблемот на нефункционалните кредити се уште има големо значење во глобални рамки. Ова го нагласи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска во обраќањето на семинарот „Справување со нефункционалните кредити во ЕУ: регулаторни и супервизорски активности“ што се одржува во организација на Европскиот банкарски орган и Европската банка за обнова и развој, чиј домаќин е НБРМ.

Таа потенцираше дека правилното справување со овој проблем и развивањето на механизми за превенција се исклучително важни за непречено функционирање и раст на активноста на банките. Во Македонија нивото на нефункционални пласмани во однос на регионот е пониско, поради отсуството на прекумерен кредитен раст во пред-кризниот период, малото потпирање на банките на надворешно финансирање и прудентната регулаторна рамка. Сепак, неопходно е да се располага со механизми за превенција, и токму затоа Народна банка работи на заокружувањето на Стратегијата за поттикнување на справувањето и подобрување на управувањето со нефункционалните кредити, како меѓуинституционална и систематизирана рамка за решавање и спречување на проблемот на нефунционални пласмани.

Имајќи го предвид негативното влијание што го имаат нефункционалните кредити врз работењето на банките во меѓународни рамки, на семинарот ќе бидат презентирани најзначајните активности преземени во рамки на ЕУ за решавање на нефункционалните кредити, како од аспект на предлозите за промени во постојната банкарска регулатива, така и во поглед на супервизорските активности за справување со сѐ уште високиот износ на нефункционални кредити кај кредитните институции во ЕУ, соопшти Народна банка.

На семинарот ќе бидат презентирани и искуствата на неколку земји од регионот во решавањето на нефункционалните кредити. Преку размената на искуствата и согледувањата стекнати во процесот на решавање на нефункционалните кредити, како што посочуваат од НБРМ, ќе се овозможи натамошно зајакнување на овој процес во одделните земји, но и усогласен пристап во идните активности што треба да се преземат заради натамошно справување со проблемите предизвикани од поголемото присуство на нефункционални кредити.

На семинарот ќе присуствуваат претставници на регулаторните и супервизорските органи од Албанија, Словенија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Република Српска и Македонија.