Актуелно 24.10.2018 15:25

Нелоска: Владата крати финансиски средства таму каде што е најкритично, таму каде се најпотребни – во здравството

Нелоска: Владата крати финансиски средства таму каде што е најкритично, таму каде се најпотребни – во здравството

Владата очигледно, воопшто не се грижи за граѓаните и за нивното здравје, а не се грижи ниту пак за докторите, медицинските сестри, здравствените работници воопшто. Владата крати финансиски средства – таму каде што е најкритично, таму каде се најпотребни – во здравството, ова денеска на пресконференција го истакна Ленче Нелоска од ВМРО-ДПМНЕ.

-За овие година и половина успех има само во договори во четири очи и местење на тендери, меѓутоа но не и во подобрување на состојбата во здравството. Со ребалансот на Буџетот за 2018 година СДСМ крати пари за рана детекција на малигни заболувања. За оваа намена е предвидено да се намалат околу 80 илјади евра. А, се кратат и околу 60 илјади евра наменети за едукација на лекари. Замислете! Нешто во што вложуваат земјите од целиот свет, како што е раната детекција на малигните болести, како што е едукацијата на лекарите, не е важно за министерот за здравство, Венко Филипче! Колку за илустрација. Претходно, навремено имаше доволно термини за превентивни прегледи за првенција од малигни болести, а сега само за мамографија, на пример, се чека по 2 до 3 месеци. Претходно околу 3.000 здравствени работници беа упатени на едукација во врвни медицински центри во Европа и светот, а сега колку и каде се пратени?, прашува Нелоска.

Таа додава дека за новата клиничка болница во Штип која требаше веќе да биде готова, се кратат околу 600 илјади евра за изградбата, а истата е од голема важност за жителите на поголем регион од Македонија.

-Годинава Филипче одлучи исто така да ја стопира и изградбата на новиот клинички центар во Скопје.

-Едно е јасно. Откако е Филипче министер нема нови апарати, нема пари за одржување на постоечките, нема пари за нови здравствени установи. Здравствениот систем функционира по инерција само заради професионалноста и одговорноста на докторите, сестрите, на сите здравствени работници воопшто. И не само што се кратат наменски средства, туку тие воопшто немаат намера ниту да стартуваат со она што е ветено како на граѓаните и на здравствените работници. Граѓаните мака мачат да дојдат до клиниката каде се упатени поради сообраќајниот хаос во клиничкиот кампус во Скопје, а да не зборуваме за друго. Нема бесплатно болничко лекување за граѓаните, нема плата од 100 илјади денари за лекарите. Владата предводена од Заев, продолжува да го уништува здравството во Република Македонија. Ги заборавија и граѓаните, ги заборавија и здравствените работници. Затоа не се заборавени нестручните и сомнителните ликови кои добиваат функции. Не се забораваат ниту пак набавките во четири очи и местењето на тендери. Јасно е дека во здравството СДСМ нема капацитет, ниту пак има намера да воведува европски стандарди. Неисполнувањето на ветувањата, лагите и манипулациите се единствена одлика на тандемот Заев и Филипче, потенцира Нелоска.