Во периодот од 01.01-30.09.2018 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.728,9 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 106 милиони денари.
Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност. Имајќи го предвид потенцијалот на комбинатот, како и интересите на сите засегнати страни, Банката во текот на првиот квартал од 2018 година, склучи договор за продажба на своите побарувања од „ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци во стечај”. Согласно условите од договорот, целосна негова реализација и исплата на вкупниот износ на побарувањата беа реализирани до крајот на март, по што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.536,7 милиони денари и бележат зголемување од 6,8% во однос на истиот период од минатата година.
Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2018 година изнесуваат 1.203,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се намалени за 5%. Планот е остварен со 96,8%.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец септември изнесува 369,8 милиони денари и во најголем дел се однесува на оштетување на имот преземен по 01.01.2010 година, согласно регулативата од НБРМ.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.