Ако претседателот на Македонија Ѓорге Иванов не го потпише указот за ратификација на договорот од Преспа, тогаш се најверојатно е дека ќе бидеме приморани да иницираме постапка за негово отповикување односно утврдување на одговорност и нормално, со тоа и негово предвремено политичко пензионирање.
Ова како изјава е пласирано од висок партиски функционер на СДСМ, но и пратеник во Собранието на Република Македонија на прашањето: Што ако Иванов не го потпише указот за ратификација на договорот од Преспа?
Ние немаме време за губење, а Македонија и нашите граѓани не смеат да бидат блокирани на патот кон ЕУ и НАТО. Ова е историска шанса. Тоа го покажаа 80 пратеници во највисокиот законодавен дом, Собранието на Република Македонија. – смета високиот функционер од СДСМ.
Изјавата ја пренесуваат провладини медиуми а под функцијата се крие или Михамед Зеќири како потпретседател на СДСМ или Александар Кирацоски како Генерален Секретар на партијата.
Ако е потребно повторно да се инаетиме, тогаш не губи никој од владејачкото мнозинство, туку губиме скапоцено време како народ и држава. Веруваме дека претседателот ќе покаже одговорност за тоа каква шанса ни е понудена, но и за тоа дека сега е времето кога мора да се носат храбри одлуки. Да, не е лесно, но не постои полесен пат. – вели изворот и притоа додава: Во спротивно, ќе мораме да се соочиме со нова пречка, која е реално надминлива, но поради која само би можеле да се зголемат, а не намалат тензиите и поделбите.