Живот 30.10.2018 13:37

Белодробни заболувања – Пневмонија

Белодробни заболувања – Пневмонија

Белите дробови се „сунѓерести” органи исполнети со воздух, чија најважна функција е размена на гасовите, односно дистрибуција на кислородот од атмосферата до крвотокот и ослободување на јаглеродниот диоксид од крвта во атмосферата. Главна улога во процесот на размена на гасовите играат алвеолите – мали структури во форма на меурчиња кои кај здрава индивидуа се исполнети со воздух. Во случај на воспаление на белите дробови, алвеолите се исполнуваат со гној и течност поради што се компромитира процесот на размена на гасовите.

Пневмонијата претставува воспаление на белите дробови, здравствена состојба која индицира итен третман бидејќи може да има фатална последници особено кај помладата популација. Имено, пневмонијата е водечка причина за смртност кај деца до 5-годишна возраст.
Во човековиот организам постојат низа одбранбени мeханизми (кивање, кашлање, специјална клеточна градба на респираторниот систем, имунолошкиот систем) со кои се заштитува од инфективните честички и спречува појава на пневмонија. Во моментот кога патолошките микроорганизми ќе ги надвладеат одбранбените механизми, се јавува инфекција.

Пневмонијата може да биде предизвикана од разни микроорганизми како бактерии, вируси, рикеции, микоплазми, паразити, фунги и сл. Најчесто станува збор за: Streptococcus pneumoniae, Haemophilus influenzae, Mycoplasma pneumoniae, Legionella pneumophyla, Chlamydia pneumoniae, Influenza вирус, CMV (цитомегаловирус) итн.