Со цел подобро справување со загадувањето, владата на Република Македонија на предлог на министерството за економија ги усвои законските промени со кои се предвидуваат еколошки налепници и субвенции за еколошките возила. Плус на тоа, ќе се субвенционира и конверзијата на возилата како погонско гориво да користат гас, како и замената со нови на старите дотраени возила кои ќе бидат однесени на отпад.
Со новиот закон за возила, ќе се воведе еколошка категоризација на возилата и соодветни налепници за нив во црвена, жолта и зелена боја.
Категоризацијата ќе биде извршена според нивото на емисиите на издувните гасови од моторите на возилата согласно соодветните технички спецификации, односно ECE или ЕC прописите.
- Во првата еколошка категорија ќе влезат возилата со ниво на емисии Еуро 5 и повисоко, како и возилата со Еуро 4 норми на кои е вграден уред за погон на течен нафтен или компримиран земјен гас, како и хибридните и електричните возила. Тие ќе добијат еколошка налепница со зелена боја.
- Втора еколошка категорија ги опфаќа возилата со ниво на емисии на издувните гасови според Еуро 4 и Еуро 3 нормите и тие ќе бидат означени со жолта налепница
- Во третата категорија ќе бидат сите останати возила – со Еуро 2 и пониски норми, како и оние за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови. За нив се резервирани налепници со црвена боја.