Пред само 10-тина дена заедно го поттикнуваа и промовираа штедењето во банките, а сега банкарите му се налутија на министерот Тевдовски зошто преку данокот директно ќе удри токму врз депозитите на граѓаните и фирмите. Бараат Владата да го одложи воведувањето на данокот од 15% за камати на орочени штедни влогови што надминуваат 15 илјади денари не за 2020-та туку се до влезот на Македонија во Европската Унија. Велат закони без консултација со бизнисот не треба да се донесуваат. Бараат итна средба со министерот за да издејствуваат усвојување на нивните барања.
„Ставот на Македонската банкарска асоцијација е дека нивната примена треба да се одложи до влез на нашата земја во Европската унија, со цел да се задржи позитивниот тренд на штедењето, да се обезбеди свеж капитал за стопанството, како и да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор“ -информираат од Македонската банкарска асоцијација.
Банкарите се гневни затоа што без разлика што тие не треба да го плаќаат данокот, самата одлука може да го намали интересот на граѓаните и фирмите да штедат во банките и може да го ограничи кредититирањето. Во нивен интерес е да имаат што повеќе долгорочни депозити за да можат да даваат кредити на подолг рок.
Пред најавата на Владата за воведување данок од 15% на каматите на депозитите, Народната банка беше оптимист дека штедењето ќе расте побрзо од првичните очекувања за 2018-та. Според НБМ, депозитите требаше да се зголемат за 10,2%, а кредитите за 8.4 отсто.